Joss Stone: Сакам кога публиката слободно танцува

Пораката до скопската публика е едноставна: „Се надевам дека ќе уживаат во шоуто, ќе дојдат со отворено срце и со желба да танцуваат. Се надевам дека концертот ќе им донесе радост.“

Греми награда, две БРИТ награди и настапи во речиси секоја земја на планетата. Joss Stone е едно од најголемите имиња на светската soul музика, а дел од нејзината приказна се случи токму во Скопје, каде со Каролина Гочева ја испеа „Кој да ми запее“. На 21 јули во организација на Авалон, повторно доаѓа во македонската престолнина, на стадионот на АРМ, во рамки на Skopje Calling, а пред настапот разговараше за Трн.

Stone вели дека при секој концерт најмногу размислува за тоа како ќе се чувствува публиката кога ќе си замине дома. „Сè е за чувството. Не сакам само луѓето да слушнат музика, туку да добијат нешто што им треба тој ден, ослободување од притисок, малку слобода, танц, движење или момент без грижи“, вели таа. Токму затоа, објаснува, шоуто е составено како патување: почнува со диско енергија, потоа влегува во подлабоки песни, а на крај повторно се враќа на забава и слобода.

За Скопје, најмногу ја памети соработката со Каролина Гочева. „Не се сеќавам на многу други работи, но таа соработка ми остана врежана. Беше магична, убава и полна со длабока љубов“, вели Stone и додава дека за неа градот секогаш е повеќе за луѓето отколку за самото место.

Во разговорот, таа зборува и за соул музиката како искрен човечки израз што може да живее во различни жанрови. „Соулот не е само жанр, туку чувство. Тој е човечки и затоа допира до сите“, истакнува таа. Stone признава и дека денес, со повеќе искуство и техника, поинаку го доживува сопствениот глас, но и понатаму смета дека најважни се искреноста и срцето.

Кога станува збор за врската со публиката, Stone вели дека таа се создава преку размена на енергија. „Јас давам, публиката враќа, и кога тоа ќе се случи, знам дека сме се поврзале“, објаснува таа. Од настапите низ светот, најсилно ги памети концертите во Свазиленд и Венецуела — едниот поради интимната атмосфера и хуморот зад сцената, другиот поради неверојатната енергија на публиката.

Пораката до скопската публика е едноставна: „Се надевам дека ќе уживаат во шоуто, ќе дојдат со отворено срце и со желба да танцуваат. Се надевам дека концертот ќе им донесе радост.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс