„Јас светам поинаку. Не многу силно, ама топло“ – вели Ина, хероината на првата книга за деца на Весна Мојсова-Чепишевска. „ИНА“, која е во печат со илустрации на Иванка НиБа во издание на „Светулка“, носи приказна раскажана од перспективата на девојче кое светот го доживува на свој начин, а токму преку нејзиниот глас книгата отвора прашања за прифаќањето, блискоста, достоинството и правото детето да биде слушнато.
Ина не е лик кој само ја следи приказната – таа ја раскажува. Таа прашува, се радува, се плаши, се шегува и се обидува да го разбере светот околу себе, од семејството и училиштето до другарствата и односите со другите деца. Нејзиниот свет е исполнет со фантазија и хумор, но и со ранливост и решителност, а токму таа комбинација го прави ликот близок до децата и интересен за возрасните кои се обидуваат подобро да го разберат детскиот свет.
Книгата е конципирана како дневник и ја следи првата училишна недела на Ина. Преку секојдневните ситуации, малите радости, стравовите и недоразбирањата, приказната постепено го отвора едно од најважните прашања: што значи едно дете навистина да се чувствува како да припаѓа? Прифаќањето во „ИНА“ не е само голема идеја, туку нешто што се гради преку трпение, поддршка, блискост и разбирање дека секое дете има свој ритам, свои чувства и свој начин на гледање на светот.
Токму затоа книгата не е наменета само за децата. Таа отвора простор и за разговор меѓу децата и возрасните – во семејството, но и во училницата – за тоа како ги слушаме децата, што очекуваме од нив и колку често, дури и со најдобри намери, се обидуваме да ги вклопиме во однапред поставени рамки.
„За децата, Ина може да стане другарка. За возрасните, таа е проверка на начинот на кој гледаме и слушаме“, пишува Иван Антоновски во својот критички осврт за книгата. Според него, вредноста на делото се препознава во убедливиот детски глас, композицијата и начинот на кој текстот и визуелниот јазик се надополнуваат.
Илустрациите на Иванка НиБа не се само придружба на приказната, туку го прошируваат емотивниот свет на Ина и му даваат визуелна димензија. Дополнителна особеност на книгата се страниците наменети за самиот читател, кој може да продолжи да пишува, црта и создава колажи, претворајќи го читањето во лична и креативна активност.
За Весна Мојсова-Чепишевска, која зад себе има долгогодишна работа како универзитетска професорка и книжевна критичарка, „ИНА“ е ново творечко поглавје. По „Клуч во клучалката на детството“ и „Од Црвенкапа до Џинџуџе“, таа овојпат влегува директно во фикционалниот свет на детето и му дозволува на детскиот глас да биде во центарот на приказната.
Ина можеби не „свети“ силно, но нејзината приказна е токму за оние различни начини на кои децата го осветлуваат светот околу себе. А можеби најважната порака на книгата е едноставна: не мора сите да светиме на ист начин за да имаме место во истиот свет.