Дваесеткратното зголемување на таксата е придружено со построги критериуми за приходите и финансиската сигурност на кандидатите, а од април 2027 година се предвидува и услов за познавање на јапонскиот јазик.
Новите давачки предизвикаа голем метеж пред имиграциските служби. Според Би-би-си, во главната канцеларија во Токио се чекало повеќе од седум часа, бидејќи странските жители се обидувале да ги поднесат документите пред поскапувањето.
Промените не ги засегаат само оние што бараат постојан престој. Поскапуваат и постапките за продолжување или промена на статусот на престој, при што висината на надоместокот зависи од неговото времетраење. Наместо претходните околу 34 евра, таксите се движат од околу 56 евра за престој до три месеци до околу 420 евра за пет години или подолго. За одредени категории лица во финансиски тешкотии се предвидени намалувања.
За добивање постојан престој, поголема тежина добиваат стабилноста на приходите и можноста кандидатите долгорочно да се издржуваат. Новите насоки го поврзуваат потребното ниво на приходи со просечните приходи на јапонските домаќинства.
Се разгледуваат и очекуваните пензиски примања, споредени со пензија остварена по 30 години уплаќање придонеси при утврденото ниво на заработка. Доколку проценетата пензија е пониска, во оценката можат да се земат предвид и други финансиски средства.
Заострувањето доаѓа во време кога Јапонија сè повеќе се потпира на странски работници поради стареењето на населението и недостигот од кадар. На крајот на 2025 година, бројот на странски жители надминал 4,12 милиони, што е раст од 9,5 отсто во однос на претходната година, наведува Би-би-си.
Владата на премиерката Санае Такаичи ги образложува мерките со потребата од поуредно управување со имиграцијата и одговор на загриженоста кај дел од јавноста. За странците што веќе живеат и работат во земјата, промените значат повисоки трошоци и потешко исполнливи услови за трајно останување.