Фудбалската репрезентација на Јапонија забележа убедлива победа од 4:0 против Тунис во натпревар од второто коло на Ф-групата на Светското првенство што се одржува во САД, Канада и Мексико. Дуелот се одигра во Монтереј и остана запишан во историјата како јубилејниот 1000. натпревар на Мундијалите.
Јапонија уште од самиот почеток на натпреварот наметна силно темпо. Веќе во втората минута имаше спорна ситуација во шеснаесетникот, кога Елијас Шири го собори Ајасе Уеда, но судијата Иштван Ковач не досуди пенал. Само две минути подоцна, Јапонците стигнаа до водство. Кеито Накамура асистираше, а Даичи Камада од непосредна близина ја испрати топката во мрежата за 1:0. По неколку добри шанси на двете страни, во 31. минута Уеда ја зголеми предноста на 2:0 со одличен соло продор и прецизен удар.
Тунис првата посериозна прилика ја имаше дури на почетокот на второто полувреме, но не успеа да ја искористи. Јапонија продолжи со доминација, а Јуња Ито во 68. минута погоди за 3:0 по одлично додавање во простор. Конечните 4:0 ги постави Уеда во 84. минута со прецизен удар со глава, со што ја заокружи убедливата победа.
Со овој пораз, Тунис остана без реални шанси за пласман во следната фаза, додека Јапонија направи значаен чекор кон нокаут-фазата и ќе го затвори групниот дел со натпревар против Шведска.