Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, порача дека нема да има намалување на бројот на студентски стипендии, реагирајќи на обвинувањата од опозициската СДСМ. Во објава на социјалните мрежи, Јаневска истакна дека Министерството континуирано работи на подобрување на студентскиот стандард и дека во ниту еден момент не било разговарано за укинување или кратење на стипендиите.
Според неа, бројот на стипендии не се утврдува со закон, туку секоја година се дефинира врз основа на Буџетот и потребите на државата. Таа објасни дека предложените измени на Законот за студентски стандард треба да овозможат подобра распределба на стипендиите и поголема усогласеност со успехот на студентите и потребите на пазарот на труд.
Јаневска посочи дека во изминатите години дел од социјалните стипендии останувале недоделени бидејќи квотите не биле целосно исполнети, а средствата не можеле да се пренаменат во други категории. Министерката ги отфрли и тврдењата дека ќе се зголеми партиципацијата за сместување во студентските домови, нагласувајќи дека таква одредба не постои во предложените законски измени.Таа најави и ново законско решение со кое државата ќе ги преземе платите на вработените во студентските домови, со цел да се намали финансискиот товар врз студентите.
„Ова лето започнува реконструкција на сите студентски домови, кои по завршувањето ќе бидат енергетски ефикасни и модерно опремени“, порача Јаневска, додавајќи дека нема да остане нереновиран студентски дом во државата.