По пријавените случаи на недолично однесување на наставници кон ученици, министерката за образование Весна Јаневска најави промени во приправничкиот испит и иницијатива за лиценцирање на училишните психолози.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави зајакнување на приправничкиот испит за наставници и иницијатива за лиценцирање на психолозите во училиштата. Најавата доаѓа по неколку случаи во кои наставници и професори биле пријавени за недолично однесување кон ученици. Според Јаневска, целта е училиштата подобро да препознаваат ризични однесувања, навремено да реагираат и да обезбедат побезбедна средина за учениците.
Јаневска апелираше и до наставниците да не молчат ако забележат недозволиво или загрижувачко однесување кај свои колеги.
„Јас ќе се обратам уште еднаш до наставниците, кои се колеги на оние кои вршат недозволиви дејства, но и се наставници на учениците кон кои се насочени такви постапки. Она што ќе го направиме е да го зајакнеме приправничкиот испит, затоа што таму навистина се неопходни промени“, рече Јаневска.
Таа најави дека Министерството ќе почне иницијатива за лиценцирање на психолозите, чија улога, како што посочи, ќе биде да детектираат проблеми во училиштата и да преземаат соодветни мерки.
„Дополнително ќе почнеме иницијатива за лиценцирање на психолозите, чија основна улога би била да детектираат каков било проблем во училиштето и да преземат мерки во иднина. Се разбира дека постојат и други алатки кои ги применуваме — сè што е забележано се пријавува до соодветните институции“, рече министерката.
Јаневска изјави дека за познатите случаи веќе постапува Државниот просветен инспекторат, а тие се пријавени и во полиција и во јавното обвинителство.
Според неа, лиценцирањето на психолозите ќе се однесува на целокупната нивна работа. Таа најави дека ќе побара од Комората на психолози да организира дополнителни обуки, бидејќи, како што рече, дел од психолозите се образувале според понови, а дел според постари програми.
Министерката се осврна и на дежурствата на наставниците во ходниците и училишните дворови, посочувајќи дека тоа не е нова мерка, туку практика што во некои училишта функционирала добро, а во други не се применувала доследно.
„Дописот е испратен и ние само ги потсетуваме на добрите практики и во нашата земја и во странство. Тие се луѓето кои се одговорни за однесувањето на учениците и мирната средина во училиштето“, додаде Јаневска.
Во однос на вандализмот и булингот меѓу учениците, Јаневска оцени дека проблемот не може да се сведе само на училиштата и наставниците. Според неа, децата често доаѓаат со агресија однадвор, па затоа е потребно да се работи и со родителите, социјалните служби и пошироката заедница.
„Проблемот е комплексен и треба да биде опфатен од сите страни“, рече Јаневска.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја поддржа најавата за дополнителни мерки и најави дека за околу 15 дена ќе почне да функционира бесплатна психолошка поддршка во средните училишта. Според најавата, услугата ќе се реализира во соработка меѓу надворешен оператор и Град Скопје.