Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека во понеделник Министерството ќе донесе конечна одлука за случајот со незаконските уписи на втор и трет циклус студии, по разгледување на извештајот од Државниот просветен инспекторат. Таа порача дека институциите мора да постапуваат согласно закон, иако, како што рече, го разбира незадоволството кај студентите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека конечната одлука за случајот со незаконските уписи на постдипломски студии ќе биде донесена во понеделник, откако ќе биде разгледан извештајот од Државниот просветен инспекторат. Според неа, институциите немаат простор за поинакво постапување ако инспекциски е утврдено прекршување на законот.
„Постои закон по кој студентите требало да бидат запишани на втор и на трет циклус студии. Државниот просветен инспекторат вели дека тој закон е прекршен. Мене ми е многу жал за тоа што им се случува, но кога се запишувале на втор и трет циклус некој требало да им каже и тие самите да проверат каде се запишуваат“, изјави Јаневска.
Според досегашните информации, станува збор за студенти кои биле запишани на магистерски и докторски студии иако претходно завршиле тригодишни стручни, а не академски студии. Досега се поништени уписите на 11 студенти, од кои седум биле на магистерски, а четворица на докторски студии. Статусот на осум лица кои во меѓувреме магистрирале и натаму останува нејасен.
Јаневска најави и дека во брз рок јавноста ќе слушне за уште една, како што рече, многу покрупна неправилност во образовниот систем. Таа посочи дека во одредени институции се утврдуваат сериозни проблеми и дека за секој таков случај ќе се постапува законски, а одговорноста ќе ја утврдуваат надлежните органи.