Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека дел од високообразовните институции во земјава може да ги изгубат акредитациите и да бидат затворени доколку не ги отстранат утврдените недостатоци. По спроведените евалуации, кај одредени институции биле констатирани неправилности во работењето, а процесот го спроведува Агенцијата за квалитет на високото образование, во соработка со странски експерти.
„За разлика од претходниот период, сега Агенцијата активно функционира и се спроведуваат реални евалуации на високообразовните установи“, изјави Јаневска.
Според неа, досега се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа, а во тек се постапки за затворање на уште пет до шест институти. Дополнително, се врши проверка и мониторинг на најмалку пет универзитети. Министерката посочи дека Министерството постапува и по пријави од наставници и други засегнати лица, а на институциите им се остава законски рок за отстранување на неправилностите пред да бидат донесени конечни одлуки.
„Целта не е затворање на институции, туку обезбедување квалитетно високо образование и почитување на стандардите“, порача Јаневска.