Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, на рочиштето објасни дека кај жртвите доминантен причинител за смртта било труење со јаглерод моноксид, додека другите фактори дејствувале дополнително.
Главна причина за смртта на 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ е труење со јаглерод моноксид, изјави на денешното рочиште директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.
Тој детално ги објаснуваше причините за смртта утврдени преку обдукциските наоди и токсиколошките анализи.
Според презентираните податоци, кај 33 жртви биле пронајдени цијаниди во крвта, кај 49 било утврдено присуство на алкохол, кај осум дрога, а кај четири седативи и антидепресиви. Сепак, како што нагласи Станков, главната причина за смртта е насилно задушување предизвикано од труење со јаглерод моноксид, амбиентално и компресивно задушување, како и термичко оштетување на дишните органи.
Кај уште четири лица, причината за смртта биле изгорениците и оштетувањето на белите дробови.
„Јаглеродниот моноксид е најчест токсичен гас што се јавува при пожари во затворен простор. Тој многу бргу и добро ја исполнува просторијата и е доминантен причинител за смртта. Кога се дава причина за смрт, се дава основниот и доминантен причинител. Кај овие лица процесот на отпочнување на смртта е од јаглероден моноксид, но не можеме да ги исклучиме и другите дополнителни фактори“, изјави Станков.
Тој додаде дека топлиот воздух, чадот и вдишувањето цијанид дејствувале синергистички, односно го потпомогнале настапувањето на смртта.
Според Станков, водородниот цијанид имал дополнителна улога, но труењето со јаглерод моноксид останува главниот причинител. Доколку цијанидот бил доминантен фактор, како што рече, бројките би биле значително поголеми.
Како делува јаглерод моноксидот?
Станков посочи дека резултатите за присуство на јаглерод моноксид се наведени во извештаите од обдукциите.
Кај седум лица била утврдена концентрација до 10 проценти карбокси-хемоглобин во крвта, кај 17 лица до 20 проценти, кај 17 лица до 30 проценти, кај 14 лица до 40 проценти, а кај четири лица над 40 проценти.
Јаглеродниот моноксид е безбоен гас без мирис, кој се создава при нецелосно согорување. Неговата опасност е во тоа што се врзува со хемоглобинот во крвта многу посилно од кислородот, со што го оневозможува нормалниот транспорт на кислород до органите.
Тој може да се врзе и со миоглобинот во мускулите, што предизвикува слабост и отежнато движење.
„Основна симптоматологија при труење се главоболка, вртоглавица, повраќање и смрт. Кај пожари, особено во затворен простор, никогаш не треба да се гледа како изолиран. Тој е доминантен, но има и други штетни фактори што го потпомагаат неговото дејство“, изјави Станков.
Тој објасни дека при пожари во затворен простор, покрај јаглерод моноксид, се создаваат и други токсични гасови. Просторот се исполнува со чад, кој при вдишување ги блокира дишните патишта, а дополнително делува и жешкиот воздух.
„Затоа не треба да се гледа и споредува со одредени таблици дека од 50 до 70 проценти концентрација треба да има за да настапи смрт. Тоа е комплексно“, рече Станков.