Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Израел и Либан се согласиле на нов прекин на огнот, во обид да се стави крај на непријателствата и да се отстрани една од главните пречки во пошироките напори на Вашингтон за завршување на војната со Иран, пренесува „Гардијан“.
Според заедничката изјава на САД, Либан и Израел, објавена од американскиот Стејт департмент по преговорите во Вашингтон, примирјето зависи од целосен прекин на нападите од страна на Хезболах, вооружената група сојузник на Иран, како и од повлекување на сите нејзини борци од подрачјето јужно од реката Литани во јужен Либан.
Договорот формално е постигнат меѓу владите на Либан и Израел, иако борбите досега се водеа меѓу Израел и Хезболах, а либанската армија не е директна страна во конфликтот.
Сепак, либанската влада преговараше со Израел без учество на Хезболах, како дел од обидите повторно да воспостави државна контрола врз земјата и да ја ограничи улогата на недржавните вооружени групи.
И покрај заедничката заложба за прекин на огнот, Израел утрово изврши повеќе напади со дронови во областа Набатија, во јужен Либан. Тоа веднаш ја отвори дилемата колку новиот договор ќе може да се спроведе на терен, особено ако Хезболах не го прифати или не го почитува договореното.
Двете страни, кои немаат формални дипломатски односи, се согласиле и на создавање „пилот-зони“ во кои либанските вооружени сили ќе имаат исклучива контрола врз територијата, без присуство на какви било недржавни вооружени актери.
Овој дел од договорот се смета за особено чувствителен, бидејќи директно го допира прашањето за улогата на Хезболах во јужен Либан и способноста на либанската држава реално да ја преземе контролата врз територијата.
Новото примирје доаѓа во момент кога администрацијата на Трамп се обидува да ја прошири дипломатската рамка и да постигне поширок договор за смирување на регионалниот конфликт, во кој Либан, Иран, Израел и САД се меѓусебно поврзани преку различни фронтови и интереси.