Нова измама преку „Букинг“: со еден клик може да останете без пари

Се појави нов вид измама поврзана со резервации преку платформата Booking.com, при што измамници испраќаат лажни пораки со точни податоци за патувањето. Граѓаните се предупредуваат да не кликнуваат на сомнителни линкови и да не внесуваат банкарски податоци. Надлежните институции алармираат за зголемен ризик од злоупотреби.

Нова интернет измама поврзана со платформата Booking.com ги загрижува корисниците ширум светот, откако хакери успеале да дојдат до дел од податоците за резервации и да ги искористат за таканаречени „фишинг“ напади. 

Според информациите, измамниците испраќаат електронски пораки или пораки преку апликации, во кои се претставуваат како сместувачи или како самата платформа. Она што ја прави измамата опасна е тоа што пораките содржат точни детали – име на гостин, датум на престој, па дури и број на резервација. 

Во пораките најчесто се бара итна „верификација“ или дополнително плаќање, со закана дека резервацијата ќе биде откажана ако корисникот не реагира во краток рок. Кликнувањето на линкот води до лажна страница каде се бара внесување на податоци од платежна картичка. 

Од компанијата потврдуваат дека бил забележан безбедносен инцидент и дека неовластени лица можеле да пристапат до одредени информации за резервации, како имиња, контакти и детали за престојот, но не и директно до податоците за картички. 

Сепак, токму тие информации се доволни за измамниците да креираат убедливи пораки и да ги наведат корисниците самите да ги откријат своите финансиски податоци.

Надлежните служби за високотехнолошки криминал предупредуваат дека граѓаните треба да бидат особено внимателни, да не споделуваат банкарски податоци преку пораки и да не кликнуваат на сомнителни линкови. Во случај на сомнителна активност, се препорачува веднаш да се контактира банката и да се блокира картичката. 

Овој случај е дел од поширок тренд на раст на интернет измами поврзани со туристички платформи, каде напаѓачите користат реални податоци за да ја зголемат довербата и да ги измамат корисниците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни