„Овој конкурс има за цел да ги прикаже различните аспекти на борбата за родова еднаквост преку уметност. Стриповите кои пристигнаа имаат мисија да поттикнат дискусии, да ги разбијат родовите стереотипи и да инспирираат промени кон поправедно и инклузивно општество. Без разлика дали се работи за лични приказни, општествени размислувања или имагинативни наративи, учесниците ги изразуваат своите уникатни перспективи и искуства“, велат организаторите.
Вкупниот награден фонд за конкурсот изнесува 85 илјади денари. Жирито кое ги оценуваше стриповите е составено од Оливер Андреевски и Теодора Милеска од НМСМ и Стела, Мајк МекКлестер, британски професор по англиски јазик и стрип-уметник, Нада Прља, професионална уметница и универзитетска предавачка од областа на уметноста.
Конкурсот е дел од проектот „Еднакви можности за девојчиња и млади жени во Северна Македонија“, кој се реализира од НМСМ и Мрежата Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје. Проектот е посветен на рушење на бариерите и стереотипите, со цел отворање нови можности за девојчињата и младите жени во нашето општество.