Пропадна и вториот избор за нов член на Антидискриминациска комисија, Собранието ќе бара „подобри“ кандидати

Одлуката следуваше по негодувањата дека меѓу повиканите кандидати за интервју повторно не се нашле претставнички од граѓанскиот сектор
Foto: Facebook

Вториот обид за избор на нов член на Комисијата за заштита од дискриминација повторно заврши без резултат, откако собраниската Комисија за избори и именувања одлучи да го поништи огласот и да распише нов. Образложението било дека во следната постапка би можеле да се пријават поквалитетни кандидати.

На одлуката ѝ претходеше реакција од Мрежата за заштита од дискриминација, која јавно праша зошто меѓу седумтемина кандидати повикани на интервју не се најдоа и двете кандидатки од граѓанскиот сектор, односно од организации што се дел од мрежата.

Огласот за нов член беше распишан откако Џихан Ахмед, која претходно беше предложена за функцијата, сама се повлече по силен притисок од јавноста. Причина за реакциите тогаш беше нејзиното непознавање на основни поими и меѓународни документи, меѓу кои и Истанбулската конвенција.

И овојпат постапката не помина без критики од невладиниот сектор. Од Мрежата за заштита од дискриминација обвинија дека Собранието повторно не ги почитува сопствените процедури и предупредија на селективен пристап што отвора сомнеж дека одлуките можеби се носат однапред. Според нив, изборот на членови во независните тела мора да се темели на транспарентност, еднаков третман и почитување на демократските правила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни