Кога температурите ќе се искачат над 35 степени, организмот вложува дополнителен напор за да ја одржи нормалната телесна температура. Во такви услови, правилната исхрана станува важен дел од заштитата на здравјето, бидејќи може да помогне полесно да се поднесат горештините.
Според експертите за исхрана, намалениот апетит во текот на летните горештини е природна реакција на организмот. Наместо тешки оброци, препорачливо е менито да се збогати со свежо овошје, зеленчук и лесни салати, кои содржат големо количество вода и придонесуваат за подобра хидратација.
Иако често се смета дека постојат намирници кои го ладат телото, нутриционистите велат дека ниту една храна директно не ја намалува телесната температура. Сепак, овошјето и зеленчукот со висока содржина на вода помагаат полесно да се надоместат изгубените течности. Од друга страна, масната храна, големите количини црвено месо и алкохолот го зголемуваат таканаречениот термички ефект при варењето, поради што организмот создава дополнителна топлина.
Стручњаците препорачуваат во летниот период почесто да се консумираат риба и посно пилешко месо, наместо тешки и мрсни јадења. Исто така, важно е редовно да се внесува вода во текот на целиот ден, без да се чека појавата на жед, бидејќи таа е знак дека организмот веќе почнал да дехидрира.
Покрај исхраната, лекарите советуваат да се избегнува престој на сонце во најтоплиот дел од денот, да се носи лесна и светла облека и просториите да се одржуваат разладени. Особено внимателни треба да бидат постарите лица, децата, хронично болните и бремените жени, бидејќи тие се најранливи за време на топлотните бранови.