Иран со најжесток напад досега врз американски разорувачи во Ормускиот Теснец

Три американски разорувачи одбиле масовен напад од ирански дронови, ракети и брзи чамци во Ормускиот Теснец. Вашингтон тврди дека нема оштетувања, додека Техеран објави дека американските бродови биле погодени и принудени да се повлечат.

Три американски разорувачи вооружени со наведувани ракети одбиле досега најинтензивен ирански напад во Ормускиот Теснец, потврдија американската Централна команда (CENTCOM) и претседателот Доналд Трамп.

Според американски медиуми кои се повикуваат на високи воени извори, разорувачите „USS Truxtun“, „USS Mason“ и „USS Rafael Peralta“ биле цел на координиран напад со ирански брзи чамци, дронови и ракети. Судирот се оценува како најжесток досега во актуелната ескалација во Персискиот Залив. Американските сили, според извештаите, употребиле повеќеслојна одбрана — од ракетни системи и противвоздушна заштита до тешки бродски топови и воздушна поддршка.

Пентагон тврди дека ниту еден американски брод не е оштетен.

Трамп: „Паѓаа во океанот како пеперутки“

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи преку својата платформа Truth Social, пофалувајќи ги екипажите на бродовите.

„Три американски разорувачи од светска класа успешно поминаа низ Ормускиот Теснец под оган. На нашите бродови нема штета, а напаѓачите претрпеа огромни загуби“, напиша Трамп.

Тој особено го опиша соборувањето на иранските дронови и ракети.

„Проектилите беа лесно пресретнати, а дроновите изгореа во воздух. Паѓаа прекрасно во океанот, како пеперутки што паѓаат во својот гроб“, порача Трамп.

Какви бродови се нападнати?

Американските разорувачи од класата „Arleigh Burke“ претставуваат клучен дел од американската морнарица и се опремени со напредни системи за одбрана. Меѓу нив се и ракетните системи „Standard Missile“, системот „Sea Sparrow“ за блиска воздушна одбрана, како и познатиот „Phalanx CIWS“ — автоматизиран Gatling-топ кој испукува околу 4.500 куршуми во минута и служи како последна линија на заштита од ракети и дронови.

Иранските државни медиуми објавија сосема поинаква верзија на настаните. Според агенцијата Tasnim, иранските сили успешно погодиле американски цели и ги принудиле бродовите да се повлечат. Техеран тврди дека нападот бил одмазда за претходен инцидент во кој американски авион наводно онеспособил ирански танкер што се обидувал да влезе во пристаниште.

Иранските власти наведуваат дека американските бродови претрпеле сериозни оштетувања, додека официјален Вашингтон категорично ги демантира тие тврдења.

Ормускиот Теснец останува глобална точка на ризик

Новата ескалација повторно го става Ормускиот Теснец во фокусот на светската безбедност. Низ овој теснец поминува значителен дел од глобалниот транспорт на нафта, а секое нарушување веднаш влијае врз енергетските пазари и глобалната економија.

И покрај интензивните судири, засега нема потврда за директни човечки жртви или потонување на бродови. Сепак, расте стравувањето дека секоја следна ескалација може да предизвика поширок регионален конфликт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни