Иран е подготвен да го отвори Ормускиот Теснец доколку САД ја прекинат блокадата на иранските пристаништа и војната против Исламската Република, изјавиле регионални претставници.
Според нив, Техеран предлага прашањата поврзани со иранската нуклеарна програма да се разгледуваат во подоцнежна фаза.
Понудата доаѓа откако иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ја посети Русија, клучен сојузник на Техеран, објави американскиот медиум „Аксиос“.
Сепак, се оценува дека е малку веројатно американскиот претседател Доналд Трамп да ја прифати понудата во ваква форма. Таа била пренесена до Вашингтон преку Пакистан, но не ги решава главните разлики што доведоа до почетокот на израелско-американската воена операција на 28 февруари.
Во саботата, Трамп им изјави на новинарите дека, по откажувањето на посетата на американските претставници на Пакистан, Иран испратил „многу подобра“ понуда. Тој не откри детали, но нагласи дека еден од условите на САД е Иран да нема нуклеарно оружје.
По кревкото примирје, Вашингтон и Техеран остануваат во спор околу Ормускиот Теснец, низ кој во мирнодопски услови минува околу една петтина од светските испораки на нафта и природен гас.
Американската блокада на иранските пристаништа има цел да го спречи извозот на иранска нафта и да ја лиши Исламската Република од важни приходи. Но, истовремено создава притисок врз Техеран, кој може да биде принуден да го намали производството на нафта поради ограничени складишни капацитети.
Од друга страна, затворањето на Ормускиот Теснец создава политички и економски притисок врз Трамп, особено поради наглиот раст на цените на нафтата и гасот пред среднорочните избори во САД во ноември.
Кризата ги погодува и американските сојузници во Персискиот Залив, кои го користат теснецот за извоз на нафта и природен гас. Токму затоа евентуалното отворање на Ормускиот Теснец би било важен чекор за стабилизирање на енергетските пазари, но засега останува неизвесно дали Вашингтон и Техеран можат да се приближат до договор.