Иран нападна два танкери на ОАЕ во Ормутскиот Теснец – има загинат, тензиите опасно ескалираат

Иран со крстосувачки ракети погоди два танкери на Обединетите Арапски Емирати во Ормутскиот Теснец. Загина еден морнар, осум лица се повредени, а ОАЕ најавуваат право на одговор.

Тензиите на Блискиот Исток дополнително се заоструваат откако Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека Иран со крстосувачки ракети погодил два нивни танкери во Ормутскиот Теснец. Во нападот загинал еден член на екипажот, а најмалку осум лица се повредени. Според Министерството за одбрана на ОАЕ, нападнати биле танкерите „Момбаса“ и „Ал Бахија“, додека пловеле низ оманските територијални води.

Загинатиот е индиски државјанин кој се наоѓал на танкерот „Момбаса“. Од осумтемина повредени, четворица се здобиле со тешки повреди. Меѓу повредените има шест индиски и двајца украински државјани.

Властите во ОАЕ остро го осудија нападот и порачаа дека земјата го задржува „целосното право да одговори на оваа ескалација“.

Нови напади во Ормутскиот Теснец

Во одвоено соопштение, Британската агенција за поморска трговија (UKMTO) информира дека танкер бил погоден од непознат проектил на околу 40 наутички милји североисточно од оманскиот град Калхат. Според агенцијата, проектилот ја погодил машинската просторија на десната страна од бродот. Иако е причинета материјална штета, сите членови на екипажот останале безбедни.

Во моментов не е потврдено дали станува збор за истиот инцидент за кој известија властите на ОАЕ.

Иран без коментар, САД најавуваат нови акции

Иран засега не се огласил по повод обвинувањата. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД повторно воведуваат блокада на иранските бродови во Персискиот Залив и ќе преземат мерки за Ормутскиот Теснец да остане отворен за меѓународниот поморски сообраќај.

Вашингтон дополнително предупреди дека американските сили во наредните часови ќе извршат нови, силни напади врз цели во Иран, додека иранските медиуми веќе известуваат за нови експлозии на територијата на земјата. Нападите врз танкерите повторно ги зголемуваат стравувањата од поширока регионална ескалација и можни последици врз глобалниот транспорт на нафта преку Ормутскиот Теснец – една од најважните енергетски поморски рути во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс