Во Јадранот сѐ повеќе опасни тропски видови: Климатските промени го менуваат морскиот екосистем

Климатските промени го забрзуваат ширењето на инвазивни и отровни морски видови во Јадранското и Средоземното Море, предупредуваат научниците.
Фото: Solomonn Levi, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Отровни и инвазивни морски видови сѐ почесто се појавуваат во Јадранското Море, а научниците предупредуваат дека порастот на температурата на морето сериозно ја загрозува биолошката разновидност.

Климатските промени придонесуваат за сѐ побрзо ширење на тропските видови во Средоземното и Јадранското Море. Во последните месеци зачестени се забележувањата на сребренопругата надувка, инвазивна и отровна риба која во Медитеранот пристигнала преку Суецкиот Канал.

Освен што содржи опасен токсин, оваа риба со силните вилици ги крши школките и ги оштетува рибарските мрежи. Поради сериозните последици, Грција, Турција и Кипар дури нудат финансиски награди за нејзин излов.

Морските биолози предупредуваат дека голема закана претставува и рибата лав, која брзо се шири бидејќи локалните морски видови не ја препознаваат како предатор. Според експертите, источниот Медитеран веќе изгубил голем дел од биолошката разновидност кај некои морски организми, особено мекотелите.

Покрај овие видови, во Јадранот се прошируваат и португалската галија, чиј убод може да биде опасен за луѓето, како и американскиот син рак, кој предизвикува значителни штети на одгледувалиштата на школки. Научниците предупредуваат дека затоплувањето на морето дополнително ќе го забрза ширењето на ваквите инвазивни видови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс