Не чекајте да залади – проверете ги радијаторите

Парното во Скопје наскоро треба да проработи, а ЕСМ веќе ја подготвува топлинската мрежа. Но, дел од подготовките треба да ги направат и граѓаните – пред да стане студено.

ЕСМ Дистрибуција на топлина веќе започна со „ладна“ циркулација на водата низ системот, со која се проверуваат дистрибутивната мрежа и топлинските потстаници. Проверки ќе се вршат секој работен ден до 30 септември, од 9 до 14 часот.

Во меѓувреме, од ЕСМ ги повикуваат потрошувачите навреме да ги завршат поправките на внатрешните грејни инсталации, бидејќи нивното одржување е обврска на корисниците. По завршената интервенција, таа треба да се пријави во Центарот за грижа на потрошувачи.

Пред да започне греењето, проверете дали радијаторите и вентилите се во исправна состојба, дали некаде има протекување и дали во текот на летото сте правеле интервенции на инсталацијата.

Особено внимание треба да се посвети на домовите каде што имало реновирање, замена на радијатори или други поправки на грејната инсталација.

Доколку инсталацијата била испразнета, по завршувањето на работите потребно е тоа да се пријави за ЕСМ повторно да ја наполни со вода.

Според актуелните правила, грејната сезона 2026/2027 официјално започнува на 15 октомври. Сепак, греењето може да започне и порано – од 1 октомври – доколку прогнозата покаже средна надворешна температура од 12 степени или пониска за наредниот ден.

Во текот на сезоната, снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20±1°C во грејните простории од 6 до 22 часот, при целосно отворени радијаторски вентили, но само доколку внатрешната грејна инсталација е технички исправна.

Затоа, подобро е радијаторот да се провери сега, отколку првиот студен ден да откриете дека не грее или протекува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс