Инфлацијата во Македонија падна на 3,4 отсто, храната поевтина во јуни и под регионалниот просек

Инфлацијата во Македонија во јуни изнесува 3,4 отсто, а храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 отсто во однос на мај. Земјата е под регионалниот просек.

Инфлацијата во Македонија продолжува да се намалува и останува под нивото на повеќето земји во регионот, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во јуни 2026 година, во споредба со мај, трошоците на живот се намалени за 0,5 отсто, додека цените на мало бележат пад од 0,8 отсто.

Најголемо месечно намалување има кај транспортот, каде трошоците се пониски за 1,6 отсто, како и кај храната и безалкохолните пијалаци, каде цените се намалиле за 1,1 отсто. Од друга страна, раст на цените е забележан кај рекреацијата, рестораните и дел од другите категории. На годишно ниво, инфлацијата во јуни изнесува 3,4 отсто, додека цените на мало се повисоки за 3,6 отсто во однос на истиот месец минатата година.

Храната поскапува побавно

Анализата на статистичките податоци покажува дека растот на цените кај основните производи продолжува да забавува. Инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци изнесува 2,5 отсто, а кај облеката и обувките 2,1 отсто.

Најголемо влијание врз годишниот раст на цените имаат алкохолните пијалаци, тутунот и сродните производи, каде цените се повисоки за 9,3 отсто, како и транспортот со раст од 6,2 отсто.

Економските аналитичари посочуваат дека забавувањето на инфлацијата не значи дека цените целосно престанале да растат, туку дека поскапувањата се одвиваат со многу побавно темпо во споредба со претходните години.

Македонија под повеќето земји во регионот

Според достапните податоци, Македонија има пониска инфлација од повеќе соседни земји.

Инфлацијата во јуни изнесува:

  • 🇲🇰 Македонија – 3,4%
  • 🇬🇷 Грција – 3,9%
  • 🇸🇮 Словенија – 3,6%
  • 🇭🇷 Хрватска – 4,5%
  • 🇧🇬 Бугарија – 5,6%
  • 🇹🇷 Турција – 32,11%

Во останатите земји од регионот, според последните достапни податоци, инфлацијата изнесува:

  • Косово – 6,8%
  • Босна и Херцеговина – 5,6%
  • Црна Гора – 3,6%
  • Србија – 3,5%
  • Албанија – 3%

За споредба, во јуни 2022 година, во периодот на глобалната енергетска криза, инфлацијата во Македонија достигна 14,5 отсто. Најновите показатели укажуваат на постепена стабилизација на цените и намалување на притисокот врз семејните буџети, по периодот на силни инфлациски удари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс