Патнички авион од типот Boeing 787 Dreamliner на авиокомпанијата Lufthansa доживеа необичен инцидент на аеродромот во Frankfurt, кога предниот дел на леталото ненадејно се спуштил додека авионот бил паркиран на излезната порта.
Според информациите објавени од германските медиуми, инцидентот се случил околу 12:45 часот. Во моментот на настанот патниците сè уште не биле качени во авионот, кој требало да полета кон Los Angeles. Од Луфтханза соопштија дека неколку членови на екипажот и вработени се здобиле со повреди и веднаш им била укажана медицинска помош.
„Неколку вработени се повредени и во моментов добиваат медицинска нега“, соопшти компанијата.
Портпарол на авиокомпанијата изјавил дека „предниот дел на авионот неочекувано се повлекол“, по што на местото биле испратени технички екипи и служби за поддршка.Засега не е познато што го предизвикало инцидентот. Во соработка со надлежните власти е започната истрага која треба да ги утврди точните причини за дефектот и околностите под кои дошло до колапсот на предниот дел од авионот.
Авионот бил повлечен од редовна употреба додека траат проверките, а патниците на летот кон Лос Анџелес ќе бидат пренасочени со алтернативни решенија.