Познатата американска готвачка Ina Garten, позната како „Босоногата контеса“, со години ги советува луѓето дека и купечките производи можат да бидат практично решение во кујната. Сепак, таа вели дека постојат две намирници кај кои никогаш не прави компромис – сокот од лимета и пилешкиот бујон.
Во интервју за емисијата The Late Show with Stephen Colbert, Гартен изјавила дека домашниот пилешки бујон има многу побогат вкус од готовите верзии од продавница. Според неа, купечки бујон треба да се користи само кога навистина нема друга опција.
Таа е уште построга кога станува збор за сокот од лимета. Гартен смета дека свежо исцедениот сок е незаменлив, бидејќи готовите сокови најчесто содржат конзерванси и додадени шеќери кои го менуваат природниот вкус и киселост. Дополнително, ваквите производи често се пакуваат во пластична амбалажа, што отвора прашања и за квалитетот и за складирањето.
Според готвачката, цедењето свежа лимета не бара многу труд, а вкусот е значително подобар. Од една лимета може да се добијат неколку лажици сок и рендана кора, што е доволно за многу рецепти и сосови.
Гартен советува и подготовка на домашен пилешки бујон од остатоци од пилешко месо и зеленчук. Со бавно варење се добива богата основа за супи, сосови и други јадења, а воедно се намалува и отпадот во кујната. Таа препорачува коските и остатоците од месо да се чуваат во замрзнувач, за секогаш да има подготвени состојки за нов бујон.