Грчките острови не се познати само по кристално чистото море и богатата историја, туку и по необичните приказни што се кријат зад нивните имиња. Во многу случаи, потеклото на називите е испреплетено со античката митологија, додека кај некои острови научниците сè уште немаат единствено објаснување за нивното вистинско значење.
Еден од најпознатите примери е Крф, чието старо име Керкира се поврзува со нимфата Керкира, во која, според митологијата, се вљубил богот на морето Посејдон. Легендата вели дека тој ја однел на островот кој подоцна го добил нејзиното име, а нивниот син станал предок на Феачаните.
Името на Крит, пак, останува енигма. Постојат повеќе теории – од онаа дека потекнува од нимфата Крити, до претпоставки дека називот има уште постаро, предгрчко потекло.
Островот Анафи е поврзан со митот за Аргонаутите. Според легендата, за време на силна бура тие му се молеле на богот Аполон, кој пред нив „создал“ остров што им послужил како засолниште. Поради тоа, името Анафи често се поврзува со старогрчкиот збор што значи „да се појави“.
Името на Миконос, според преданието, доаѓа од митскиот јунак Миконос, додека Наксос го добил името по легендарен владетел на првите жители на островот. Слични митолошки приказни постојат и за Егина, која го носи името на мајката на херојот Еак, како и за Хиос, кој, според античките записи, бил именуван по синот на Посејдон.
Кај некои острови, пак, името е инспирирано од природните карактеристики. Скијатос, според една теорија, го добил називот од зборот „сенка“, поради густите шуми, додека Хидра своето име го должи на бројните извори на вода што некогаш постоеле на островот. Спецес, пак, е именуван од Венецијанците како „Остров на зачините“, поради богатата медитеранска вегетација и мирисните растенија.
Иако историчарите и лингвистите не можат со сигурност да го потврдат потеклото на сите имиња, токму овие митови и легенди со векови остануваат дел од културниот идентитет на грчките острови и една од причините поради кои тие и денес фасцинираат милиони посетители од целиот свет.