Сончаница и топлотен удар не се исто: Како да ги препознаете и да се заштитите во екстремните горештини

Лекарите предупредуваат дека високите температури можат да предизвикаат сериозни здравствени последици, но сончаницата и топлотниот удар не се иста состојба. Правилната реакција и навремената заштита можат да спречат опасни компликации.
Screenshot

Екстремно високите температури што ја зафатија земјата повторно го зголемија ризикот од сончаница и топлотен удар – две состојби кои често се мешаат, иако меѓу нив постојат значајни разлики. Лекарите советуваат граѓаните да избегнуваат престој на сонце во најтоплиот дел од денот и да внимаваат на првите симптоми на прегревање на организмот. 

Сончаницата најчесто настанува по директна и подолга изложеност на сончевите зраци, особено кога главата и вратот не се заштитени. Симптомите вклучуваат главоболка, вртоглавица, мачнина, замор, чувствителност на светлина и чувство на слабост.

Топлотниот удар, од друга страна, претставува многу посериозна и животозагрозувачка состојба. Тој се јавува кога телото повеќе не може да ја регулира сопствената температура, која може да надмине 40 степени Целзиусови. Состојбата е проследена со конфузија, забрзано дишење, забрзан пулс, нарушена свест, а во потешките случаи и со губење на свеста. Топлотниот удар бара итна медицинска помош. 

Според здравствените препораки, во денови со екстремни горештини треба да се внесуваат доволно течности, најдобро вода, а да се избегнуваат алкохолни пијалаци, газирани сокови и прекумерно количество кофеин, бидејќи можат дополнително да придонесат за дехидратација на организмот. Исто така, се препорачува лесна облека од природни материјали, престој во разладени простории и избегнување физичка активност во периодот од доцното претпладне до доцното попладне. 

Посебно внимание треба да се посвети на децата, постарите лица, хронично болните и бремените жени, кои спаѓаат меѓу најранливите категории за развој на компликации поврзани со високите температури. Светската здравствена организација предупредува дека топлотниот удар е медицинска итност и дека одложувањето на лекувањето може да доведе до оштетување на мозокот, срцето, бубрезите и другите органи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс