Борис Брејча планира да ги заврши настапите во живо на крајот на 2028 година, објави музичката платформа Yalla Techno, пренесувајќи ја неговата порака до публиката.
Најавата се поврзува со „Last Chapter 2028“, односно „Последно поглавје 2028“, и со неговиот препознатлив сценски лик со маска на џокер. Според пренесената изјава, одлуката следувала по подолг период на размислување, исцрпеност и внатрешен немир.
Брејча посочува дека сака самиот да одлучи кога ќе го заврши ова поглавје од кариерата. Во пораката нагласува дека не е болен и дека сè уште ја чувствува радоста од создавањето музика.
Повлекувањето се однесува на сценските настапи. Според најавата, германскиот продуцент ќе продолжи да компонира и да снима нова музика.
Брејча изгради меѓународна кариера со својот „High-Tech Minimal“, звук што ги спојува минималот, техното и мелодичните електронски елементи. Маската на џокер стана негов визуелен потпис, а настапите за Cercle и на големите фестивали му донесоа публика низ светот.
На македонската публика Брејча ѝ е добро познат по настапите на Таксират и на Д Фестивал летово. Пред најавеното повлекување во 2028 година, тој продолжува со настапите низ светот.
