Кога во август 1903 година во Крушево се прогласува Републиката, тоа не е само востанички чин за ослободување од османлиската власт. Тоа е радикален политички експеримент кој во срцето на еден застарен феудален балкански пашалук се обидува да имплементира идеја за модерна, граѓанска и социјално праведна држава.
Четири децении подоцна, во манастирот Прохор Пчински на вториот Илинден во 1944 година, АСНОМ ги презема токму тие идеолошки темели и ги материјализира во првата македонска државност.
Денес, повеќе од еден век од Крушево и над осум децении од АСНОМ, се поставува суштинското прашање: Дали денешната македонска држава е остварување на илинденскиот идеал или негово системско оддалечување?
Граѓански хуманизам и слобода во 1903
Документите од 1903 година, пред сè Крушевскиот манифест и поставеноста на Привремената влада на чело со Никола Карев, покажува дека тие идеи биле доста авангардни и напредни за своеето време.
Крушевскиот манифест не се обраќа само до сонародниците, туку директно до соседите муслимани (Турци, Албанци, Торбеши). Во него поделбата не е етничка ниту религиска, туку идеалистичка и класна: угнетувани наспроти тирани. Политичкиот идеал на Крушево не предвидува етнички гета, туку заедница заснована врз еднаквост на сите граѓани.

Раководството на Крушевската Република слободата не ја дефинира само како замена на османлиската администрација со домашна. Слободата значела крај за бегскиот систем, заштита на сиромашните и право на плодовите од сопствениот труд преку локални совети и еснафи.
За да се разбере големината на овој идеал, мора да се погледне нејзината практична организација. По ослободувањето на Крушево на 3 август 1903 година, востаничкото раководство не воспостави воена диктатура, туку веднаш пристапи кон градење цивилна демократска власт. Собранието од 60 истакнати граѓани, формирано по принцип на рамноправна застапеност од сите тогашни заедници во градот, ја избра Привремената влада од шест члена. Со неа раководеше Вангел Дину, додека Никола Карев го презеде раководењето со Советот на Републиката.
Оваа привремена власт организираше шест ресори кои функционираа како вистински државни министерства: за правосудство, за револуционерен ред и безбедност, за финансии, за снабдување со храна, за производство (со револуционерни работилници за оружје и муниција) и за здравство. За време на своето десетдневно постоење, Републиката воведе сопствена полиција, организираше санитетска служба и болница, отвори фурни за леб за целото население и за востаниците, и формираше комисија за собирање доброволни придонеси и заштита на приватниот имот, строго сопрајќи каков било реваншизам или грабеж, дури и врз имотот на беговите.
За илинденците од 1903 година, слободата не беше апстрактен филозофски концепт, ниту пак проста замена на османлиската администрација со домашни управници. Нивната замисла за слободата беше радикален хуманизам. Слободата значеше физички, економски и духовен прекин со секоја форма на тиранија. Во сржта на Крушевскиот манифест, слободата е дефинирана преку заштита на човечкото достоинство, честа, имотот и правото на секој поединец да живее без страв од репресија, без оглед дали е христијанин или муслиман.
Оваа замисла беше уникатна бидејќи слободата се градеше оддолу-нагоре, преку самоорганизација на заедницата. Ослободениот човек во Крушево не беше пасивен подданик на кого некој му доделил права одгоре, туку активен учесник во заедницата, преку еснафите, месното собрание и народните одбори. За илинденците, слободата беше нераскинливо поврзана со социјалната правда: не можеш да бидеш политички слободен ако економски му робуваш на бегот. Тоа беше визија за слобода како универзално човеково право, заснована врз меѓусебна солидарност и соживот.
АСНОМ доаѓа како мост помеѓу идеалите и државноста

Кога АСНОМ во 1944 година ги поставува темелите на македонската република, тој директно се повикува на 1903 година. Вториот Илинден е директен идеолошки наследник на Првиот.
Документите на АСНОМ ги рефлектираат истите републикански вредности од 1903 година – антифашизам, социјална еманципација, народна власт и рамноправност на сите граѓани.
Манифестот на АСНОМ експлицитно ги гарантира сите права на сите народности кои живеат во Македонија, продолжувајќи ја традицијата на Крушевскиот манифест дека Македонија е заеднички дом, а не ексклузивистички посед на еден етнократски блок.
Што се случи со идеалите?
Ако ги споредиме темелните принципи од 1903 и 1944 со денешното политичко уредување, се соочуваме со неколку парадокси, бидејќи се движиме од универзален граѓански модел кон етнички гета.
Крушево и АСНОМ градеа идеја за обединет граѓанин против тиранијата и фашизмот. Денешната држава е замислена и функционира преку етнички квоти, партиципирање по етнички клуч и постојана етно-политичка пресметка. Наместо граѓанинот да биде во центарот на системот, тој е сведен на припадник на етнички и политички блок.

Идеалот на Илинденците за социјална еманципација и заштита на обичниот човек денес е заменет со партизиран државен апарат и економска транзиција која создаде длабоки социјални разлики. Државата, наместо сервис на граѓаните, стана основен ресурс за партиски клиентелизам.
Крушевскиот совет од 60 членови и народноослободителни одбори на АСНОМ беа замислени како директна претставеност на заедницата. Денес, политичката моќ е целосно концентрирана во неколку партиски централи, додека граѓанинот е дефакто исклучен од одлучувањето меѓу два изборни циклуси.
Крушевската Република од 1903 и АСНОМ од 1944 година не беа само историски настани за одбележување со венци и свечени говори. Тие беа длабоки политички визии за тоа какво општество треба да биде Македонија: слободно, социјално праведно, инклузивно и поставено врз автономијата на човекот.
Разгледани низ призмата на 21 век, идеалите на двата Илиндена нудат рамка која е посовремена од нашата денешна политичка реалност. Затоа, вистинското прашање за денешните генерации не е само како да го славиме Илинден, туку како конечно да ги оствариме вредностите кои илинденците ги напишаа уште пред повеќе од еден век.