Институтот за јавно здравје информира дека внимателно ја следи состојбата со кластерот на хантавирусна инфекција поврзан со крузерот MV Hondius, кој пловел во регионот на Јужниот Атлантски Океан. Според досегашните информации од меѓународните здравствени институции, регистрирани се повеќе потврдени и сомнителни случаи, меѓу кои и три смртни исходи.
Од ИЈЗ нагласуваат дека во моментов нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со Македонија, ниту има индикации за ризик по јавното здравје во земјава. Институтот додава дека ризикот за пошироката популација, според моменталните проценки на меѓународните здравствени институции, останува низок.
Според досегашните сознанија, изложеноста најверојатно е поврзана со престој во области каде природно има глодари, кои се резервоар на хантавирусите. Овие вируси најчесто се пренесуваат преку вдишување честички контаминирани со урина, измет или секрети од заразени глодари, како и преку контакт со загадени површини.
Од Институтот објаснуваат дека хантавирусите може да предизвикаат два главни синдроми: хеморагична треска со бубрежен синдром, која е регистрирана и во земјава, и хантавирусен белодробен синдром, кој е почест во Северна и Јужна Америка и може да има потешка клиничка слика. Кај повеќето типови хантавируси не е докажан пренос од човек на човек, освен кај одредени видови во Јужна Америка, каде е забележан ограничен интерхуман пренос.
ИЈЗ потсетува дека не постои специфична терапија или вакцина за хантавирусна инфекција, а превенцијата се сведува на избегнување контакт со глодари и нивни излачувања, внимателно чистење на простории каде може да има глодари и почитување на здравствените препораки. Институтот најавува дека ќе продолжи да ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија.