По речиси 50 години: Нова технологија го откри идентитетот на жртва од 1977

Форензичарите потврдија дека остатоците најдени во Северна Каролина ѝ припаѓаат на 15-годишната Синди Марсел Близард.

Истражната канцеларија на американската сојузна држава Северна Каролина (NCSBI) го утврди идентитетот на жртва чие тело беше пронајдено во декември 1977 година во шума кај градот Вилсон. Со помош на нови форензички алатки, истражителите потврдија дека пронајдените остатоци ѝ припаѓаат на Синди Марсел Близард, 15-годишна девојка која истата година побегнала од својот дом во сојузната држава Мериленд. Случајот со децении се водеше како нерешен поради недостаток на совпаѓања во базите.

Локалната полиција ги пронајде скелетните остатоци и делови од облека во шумовито подрачје во округот Вилсон пред 49 години. Проценките на вештаците тогаш покажаа дека телото се наоѓало на локацијата меѓу шест месеци и две години пред да биде забележано.

Состојбата на остатоците го оневозможи директното препознавање. Истражителите тогаш претпоставија дека станува збор за девојка на возраст меѓу 16 и 23 години. Иако точната причина за смртта не беше веднаш потврдена, околностите укажуваа на насилно одземање на животот. Споредбата на стоматолошките картони со пријавите за исчезнати лица не даде резултат.

Случајот остана во надлежност на канцеларијата на шерифот во Вилсон без напредок сè до 2010 година. Тогаш државен антрополог ги испрати забите на жртвата на генетска анализа.

Добиениот ДНК профил беше внесен во националните бази CODIS и NamUs. Системот не регистрираше совпаѓање. Досието беше архивирано повторно како нерешен случај, чекајќи пософистицирани методи за анализа на деградирани биолошки траги.

Пресвртот се случи откако Истражниот тим за стари предмети при NCSBI го задолжи специјалниот истражител Енди Мур да направи нова ревизија на материјалните докази. Мур примени современи методи кои не биле достапни во криминалистиката пред пет децении.

Новата технолошка постапка ги насочи детективите кон случајот со 15-годишната Синди Марсел Близард, која побегнала од Монктон во Мериленд во пролетта 1977 година. Истражителите соопштија дека продолжуваат со прибирање информации за да утврдат како точно настрадала тинејџерката и кој е одговорен за нејзината смрт.

Пресудна за идентификацијата беше примената на форензичка генетска генеалогија, постапка што воопшто не постоеше кога беа откриени посмртните остатоци. Специјализираната лабораторија успеа да извлече генетски материјал од деградиран примерок од коска и да изработи детален профил на полиморфизам на единечен нуклеотид (SNP). За разлика од стандардните полициски бази кои бараат директно совпаѓање на веќе регистриран криминален профил, оваа технологија анализира стотици илјади генетски маркери за да открие далечни биолошки сродници.

Преку генеалошко мапирање на семејните врски, истражителите ги лоцираа можните роднини на настраданата тинејџерка. Полициските единици од Северна Каролина и сојузната држава Мериленд обезбедија референтни биолошки брисеви од семејството, по што преку брз лабораториски тест за сродство дефинитивно беше потврдено дека пронајдените коски ѝ припаѓаат на Синди Марсел Близард.

е-Трн да боцка во твојот инбокс