Хрватска повторно се најде на листата на најубави европски крајбрежни дестинации, а плажата Подраче во Брела е вклучена меѓу „50-те најубави плажи во Европа за 2026 година“. Листата ја изработуваат туристички експерти, амбасадори на плажи и уредничкиот тим на проектот World’s 50 Beaches.
Сместено под планината Биоково, малото далматинско место Брела е познато по кристално чистото море, боровите шуми и медитеранската атмосфера. Туристите го препознаваат како мирна оаза за одмор, далеку од секојдневниот стрес и градската врева.
Во близина на познатата плажа Пунта Рата се наоѓа и плажата Подраче, која иако е помалку популарна, важи за една од најфотографираните плажи во Хрватска. Тиркизната боја на морето, карпите и природниот амбиент ја прават вистинска атракција за посетителите и љубителите на фотографија.
Плажата нуди тушеви, кабини за пресоблекување, угостителски објекти и природна сенка од боровите дрвја, што ја прави идеална за семеен одмор или романтично летување. Многумина ја избираат токму поради мирната атмосфера и природната убавина што ја нуди.
Покрај Подраче, на листата на најубави плажи во Европа за 2026 година се најдоа и плажи од Грција, Шпанија, Италија, Португалија, Турција, Франција, Ирска и Албанија.