Холандија се повлекува од Евровизија: „Натпреварот повеќе не е неутрален“

Холандија нема да учествува на Евровизија следната година, откако националната телевизија оцени дека натпреварот повеќе не е независен и неутрален поради поделбите околу војната во Газа.

Холандија нема да учествува на Евровизија следната година, потврди националната телевизија AVROTROS.

Како причина за одлуката ги наведуваат поделбите околу војната во Газа, поради кои, според нивната оценка, натпреварот повеќе не може да се смета за независен и неутрален.

„Евровизија стана платформа за поделби“

Главниот директор на холандската телевизија AVROTROS, Тако Цимерман, ја објасни одлуката во официјално соопштение.

„Неспорно е дека меѓународните конфликти сè повеќе влијаат врз натпреварот и ја нарушуваат неговата неутралност. Евровизија поради тоа стана платформа за поделби“, стои во изјавата.

Во соопштението се додава дека неодамнешните промени најавени од организаторите не се доволни за Холандија да ја промени одлуката.

„Најавените промени не ни влеваат доволно доверба дека независниот и неутрален карактер на Евровизија е вратен“, наведуваат од AVROTROS.

Контроверзии околу учеството на Израел

Одлуката на Холандија следува по низа контроверзии поврзани со учеството на Израел на Евровизија.

Израел во 2025 и 2026 година беше многу блиску до победа и двата пати заврши на второто место.

Евровизија во 2026 година ја следеле 131 милион гледачи, што е пад од 35 милиони во споредба со претходната година.

Гледаноста се намалила откако пет земји го бојкотирале натпреварот поради учеството на Израел. Од натпреварот се повлекле Холандија, Исланд, Шпанија, Ирска и Словенија, а последните три држави одбиле и да ја пренесуваат програмата.

Организаторите претходно овој месец објавија ново правило според кое земји што се вклучени во вооружен конфликт не можат да бидат домаќини на натпреварот.

Следната Евровизија ќе се одржи во Бургас

Следното издание на Евровизија, најголемиот музички настан во светот што се пренесува во живо, ќе се одржи на 15 мај 2027 година во бугарскиот град Бургас, на Црното Море.

Бугарија првпат ќе биде домаќин на натпреварот, откако бугарската пејачка Дарина Јотова, позната како Dara, победи на годинашната Евровизија во Виена со песната „Bangaranga“.

Евровизија е основана во 1956 година и со текот на времето стана една од најважните платформи за поп-музичари. Натпреварот ја прослави шведската група ABBA, а беше важен и за кариерите на изведувачи како Celine Dion, Cliff Richard и Olivia Newton-John.

е-Трн да боцка во твојот инбокс