Во Гостивар започна хиперхлорирање на водата од изворот и испирање на примарната водоводна мрежа, по потврдено загадување на водоводниот систем. Информацијата ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по состанокот на Централниот кризен штаб, одржан во градот.
Денес била извршена чистка на каптажата, а започнало и испирањето на примарната мрежа. На изворот е поставен систем за хиперхлорирање со вредност 0,8. „Тоа е во рамки на законски дозволениот максимум и нема негативно да влијае врз здравјето на луѓето,“ изјави Тошковски.
До моментот на состанокот биле поставени 11 пунктови за техничка вода. Тошковски најави дека бројот до крајот на денот ќе се зголеми на 13 локации, каде граѓаните ќе можат да наполнат вода за техничка употреба.
Во текот на денот биле доставени над 100.000 литри пакувана вода за пиење, исто како и претходниот ден. Тошковски порача дека моментално нема недостиг од вода за пиење и дека поддршката ќе продолжи.
Според мерењата на резидуалниот хлор, до крајот на оваа недела или почетокот на следната се очекува сигурна техничка вода од чешмите. „Доколку во континуитет добиеме последователни чисти резултати, до крајот на следната недела се очекува целосно нормализирање на состојбата и враќање на безбедна вода за пиење,“ рече Тошковски.
Тошковски нагласи дека Кризниот штаб работи и на трајно решение.
„Целта не е само моментално надминување на кризата, туку воспоставување стабилен и современ систем за трајна контрола на квалитетот на водата во Општина Гостивар, користејќи ги искуствата и техничките решенија од Скопје,“ додаде тој. На состанокот присуствувале и повеќе владини претставници, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи Стојанче Ангелов, и градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.