ХЕРА Млади: Нашата иднина нема да ја избере алгоритам – ќе ја изградиме ние

Од институциите бараме повеќе простор за суштинско младинско учество, образование што развива критичко мислење, велат од ХЕРА млади

По повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата, ХЕРА Млади потсетува дека демократијата не е само изборен ден или институција. Таа има смисла кога ја чувствуваме во секојдневниот живот – кога можеме слободно да зборуваме, да учествуваме во одлуките што нè засегаат и да бараме одговорност и промени.

„Во видеото што го објавуваме по повод Меѓународниот ден на демократијата, младите од ХЕРА зборуваат за тоа што значи демократијата денес и како современиот начин на информирање и комуникација влијае врз нашите ставови, односи и учество во општеството“ велат од ХЕРА.

Оттаму додваат дека сè поголем дел од јавниот живот се одвива во дигиталниот простор, каде алгоритмите влијаат врз тоа што гледаме, што читаме, со кого комуницираме и кому му веруваме и наместо да нè поврзуваат, тие можат да нè затворат во паралелни светови и да ги продлабочат поделбите.

„Денеска демократијата е под опасност од таканаречената алгоритмократија. Во алгоритмократијата власта не припаѓа веќе кај луѓето, туку средината е уредена од алгоритмите“, вели Виктор Бучковски од ХЕРА Млади.

Демократијата бара нешто сосема спротивно – средба, разговор, различни идеи и можност луѓето заедно да носат одлуки. А тоа започнува од секојдневното учество на младите.

„Денес демократија значи да може да дадете критика, пофалба или едноставно да кажете нешто и тоа да биде слушнато, разбрано и дејствувано“, вели Ема Мицевска.

Затоа младинското учество не смее да биде формалност. Младите треба да бидат вклучени уште од почетокот во креирањето на законите, политиките и буџетите што го определуваат нивниот живот. Демократијата се мери и преку квалитетно образование, достоинствена работа, достапно домување, чист воздух и грижа за менталното и физичкото здравје.

Од институциите бараме повеќе простор за суштинско младинско учество, образование што развива критичко мислење и медиумска и дигитална писменост, отпорност кон дезинформации и услови младите достоинствено да живеат и да ја гледаат својата иднина тука.

„Како што порачува Виктор во видеото: „Задачата на нашата генерација е да создаде можности за среќавање и простор во кој ќе можеме заедно да градиме подобро општество – обединети, а не како во алгоритмите, секој на своја страна разединети.“

Ние не сме публика, кликови или податоци. Ние сме граѓани и двигатели на промените.

Нашата иднина нема да ја избере алгоритам. Ќе ја изградиме ние“ велат од ХЕРА Млади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс