Пилотите на германската авиокомпанија Луфтханза најавија нов штрајк во четврток и петок, откако веќе стотици летови беа откажани поради нивната дводневна обустава на работа на почетокот на неделата.
Ова е четврти штрајк во компанијата од почетокот на годината, а најсилно се погодени главните авио-центри во Франкфурт и Минхен, објави Дојче веле. Дополнителен притисок врз компанијата доаѓа и од кабинскиот персонал, кој исто така најави штрајк во среда и четврток.
Поради преклопување на два одделни работни спора, едниот со синдикатот на пилотите Здружение Кокпит, а другиот со синдикатот на кабинскиот персонал УФО Луфтханза и нејзините патници се соочуваат со сериозни нарушувања во авиосообраќајот во текот на шест последователни работни дена.