Хаос кај лабуристите: Британска министерка побара оставка од Кир Стармер

Британскиот премиер Кир Стармер се соочува со сериозен раскол во владата, откако дел од лабуристите и министри побараа да најави оставка по катастрофалните изборни резултати.

Кир Стармер се соочува со отворен раскол во владата на Обединетото Кралство, откако министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд им се приклучи на сè погласните барања премиерот да одреди временска рамка за своето заминување од функцијата.

Состанокот на британскиот кабинет се одржува во сенка на длабоки поделби во власта, додека бројот на лабуристички пратеници кои бараат оставка или најавен датум за повлекување на Стармер се искачи на 72, пренесува BBC.

Од Даунинг стрит потврдија дека шест помошници на министри биле сменети откако поднеле оставки или јавно побарале премиерот да го најави своето заминување.

Бран оставки во владата

Кризата дополнително се продлабочи откако Џо Морис, парламентарен помошник на министерот за здравство Вес Стритинг, поднесе оставка и порача дека премиерот „повеќе ја нема довербата на јавноста“.

Оставки поднесоа и Мелани Ворд, помошничка на заменик-премиерот Дејвид Лами, како и Наушаба Кан и Том Ратланд. Во меѓувреме, Сали Џејмсон, блиска соработничка на министерката Шабана Махмуд, јавно побара Стармер да „одреди јасен рок за заминување во септември или кратко потоа“.

Стармер одбива да се повлече

И покрај растечкиот притисок, Кир Стармер порача дека нема намера да поднесе оставка и дека ќе покаже дека „критичарите грешат“. Тој призна дека владата направила грешки, но нагласи дека донел „исправни големи политички одлуки“.

Во обид да го стабилизира својот мандат по тешкиот изборен пораз, Стармер најави поблиски односи со Европската Унија и закон за национализација на компанијата British Steel.

„Оставката би ја турнала земјата во хаос, како што тоа го правеа ториевците безброј пати“, изјави британскиот премиер.

Катастрофални изборни резултати

Притисокот врз Стармер драматично порасна по локалните избори во Англија, на кои лабуристите загубија речиси 1.500 советнички места. Истовремено, значително порасна поддршката за Reform UK, додека Зелената партија презеде дел од гласачите на лабуристите во Лондон и други урбани средини.

Лабуристите ја загубија и власта во Велс, каде што доминираа повеќе од еден век, а на изборите за шкотскиот парламент освоија само 17 од 129 места, најлош резултат во историјата на партијата во Шкотска.

Почна битката за наследник?

Во партијата веќе се шпекулира за можните наследници на Стармер. Дел од десното крило на лабуристите го поддржува министерот за здравство Вес Стритинг, додека други пратеници го фаворизираат градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам.

Дополнителна нервоза внесе и поранешната заменик-премиерка Анџела Рејнер, која порача дека Лабуристичката партија „мора да биде подобра од ова“.

„На партијата ќе ѝ се суди според делата, а не само според зборовите“, изјави Рејнер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс