Светската здравствена организација соопшти дека хантавирусот на крузерот „Хондиус“ веројатно се пренел од човек на човек, откако на бродот починаа тројца патници, а повеќе лица се водат како заразени или сомнителни случаи.
„Претпоставуваме дека при многу близок контакт е можно пренесување од човек на човек“, изјави епидемиологот на СЗО, Марија Ван Керхове.
Според неа, првиот заразен патник најверојатно се инфицирал уште пред да се качи на бродот.
Во изминатиот период тројца патници на крузерот „Хондиус“ починаа по инфекција со хантавирус, меѓу нив и еден германски државјанин. Кај две од починатите лица вирусот е лабораториски потврден.
Според најновите информации, вкупно има седум потврдени или сомнителни случаи. Еден пациент со тешка клиничка слика се лекува на интензивна нега во Јужна Африка, додека уште три лица имаат поблаги симптоми и, според СЗО, сè уште се наоѓаат на бродот.
Околу 150 лица, претежно од Велика Британија, САД и Шпанија, и натаму се на крузерот, кој моментално е закотвен крај брегот на Капо Верде. Локалните власти не дозволиле патниците да слезат на копно.
СЗО соопшти дека бродот се очекува да отплови кон Канарските Острови, откако Шпанија се согласила да му дозволи пристанување. Целта е случајот детално да се испита, бродот темелно да се дезинфицира и да се процени ризикот за преостанатите патници.
Од Светската здравствена организација повторно нагласуваат дека ризикот за пошироката јавност е низок.
Хантавирусот најчесто се пренесува преку глодари, кога честички од измет или урина на глувци се подигнуваат во воздухот и се вдишуваат. Пренесувањето од човек на човек, според СЗО, е ретко.
Крузерот „Хондиус“ ја започнал својата експедиција во март од Ушуаја, во јужна Аргентина. Патувањето било промовирано како природонаучна авантура до Антарктикот, а бродот посетил некои од најоддалечените места на планетата, меѓу кои и островот Тристан да Куња во јужниот Атлантик.