Сексуално експлицитни видеа се појавиле на дигитални рекламни екрани во Египет, Малезија и Бразил, а според непотврдени информации и во Ирак и Кина. Група хакери ја презела одговорноста за нападите и тврди дека открила сериозен безбедносен пропуст во софтверот што се користи за управување со ЛЕД-екраните.
Еден од најголемите потврдени инциденти се случил на голем електронски билборд покрај еден од најпрометните автопати во Египет, кој го поврзува Каиро со неговите западни предградија. Додека на екранот се емитувала порнографска снимка, возачите ги запирале автомобилите за да го снимаат настанот. Видеото било прекриено со текст и ознака од канал на Телеграм.
Египетското Министерство за внатрешни работи соопштило дека екранот ѝ припаѓа на локалната рекламна компанија Ал Арабија Јунајтед. Таа имала договор со меѓународна компанија чија веб-страница била цел на кибернапад, по што неовластена содржина била емитувана истовремено во неколку земји.
По инцидентот бил покренат правен процес, а меѓународната компанија го прекинала емитувањето. Од Ал Арабија Јунајтед соопштиле дека откриле неовластен пристап до еден од екраните, го исклучиле од претпазливост и започнале истрага во соработка со надлежните институции.
Според извештаите од Каиро, Ал Арабија Јунајтед е египетско-саудиско заедничко вложување основано во 2022 година од Јунајтед Медија Сервисис и саудиската компанија Арабијан Контрактинг Сервисис. Компанијата управува со околу 1.926 билборди, од кои 239 се дигитални, во Каиро, Гиза, Александрија и на северниот брег на Египет.
Сличен инцидент бил пријавен и во Малезија. Општинскиот совет на Клуанг потврдил дека неколку јавни ЛЕД-екрани во градот, во сојузната држава Џохор, биле хакирани и на нив била прикажана непристојна содржина. Како мерка на претпазливост, советот ги исклучил сите погодени екрани. Полицијата отворила истрага откако 42-годишен маж пријавил дека добил снимки од екранот и видеа преку Ватсап.
Во Бразил, пак, порнографска содржина била емитувана на ЛЕД-панел покрај авенија во близина на патот БР-343. Компанијата Фереира е Фереира Публисидаде е Комуникасао го потврдила кибернападот, веднаш ја исклучила опремата, поднела пријава во полиција и им се извинила на граѓаните.
Безбедносен пропуст откриен со автоматско скенирање
Групата што стои зад Телеграм-каналот Лејкерс долар (Leakers$) тврди дека ја искористила слабоста во софтверот за пренос и управување со содржината на ЛЕД-екраните, наместо да ги напаѓа поединечните билборди.
Членовите на групата, кои користат псевдоними како Невер, 19јлегал, Це-ха и Нивекс, тврдат дека идентификувале илјадници изложени системи со помош на автоматизирано, случајно скенирање кое траело околу два часа.
Според нив, до дел од системите можело да се пристапи преку веб-страници и интерфејси без основни безбедносни механизми. Хакерите тврдат дека компаниите вложуваат големи суми во изградба на рекламна инфраструктура, но оставаат дел од екраните и мрежите поврзани на интернет без соодветна заштита.
Групата соопштила дека не барала донации или откуп, туку сакала да го покаже пропустот и да предупреди колку лесно може да се преземе контролата врз дигиталните екрани. Во објавите на Телеграм, членовите на групата упатиле и политички пораки за состојбата во Египет, критикувајќи ја владата и тврдејќи дека репресијата ја одржува нејзината моќ.
Инцидентите повторно го отвораат прашањето за безбедноста на дигиталната инфраструктура во јавниот простор. Рекламните екрани се поврзани на интернет и се управуваат од далечина, што значи дека пропуст во софтверот или недоволна заштита на пристапот може да овозможи неовластена промена на содржината што ја гледаат илјадници луѓе.
