Гугл ќе мора да плати 403 милиони евра казна по одлука на ирската Комисија за заштита на податоците (ДПЦ), која утврдила прекршувања на европските правила за заштита на личните податоци при обработката на податоци за локацијата на корисниците. Случајот се однесува на практики од 2018 до 2020 година, а регулаторот на компанијата ѝ наложил и во рок од шест месеци да ја усогласи обработката со правилата.
Одлуката се однесува на три функции на Гугл – „Веб и активност во апликации“, „Историја на локација“ и „Прецизност на локацијата“. Според ДПЦ, прекршувањата се однесувале на законитоста и правичноста на начинот на кој Гугл ги обработувал податоците за локацијата.
„Поради пропустите на Гугл, поединци можеби не биле свесни за тоа како се користи нивната локација – на пример, за влијание врз нив преку реклами или за извлекување заклучоци за нивните интереси – и можеле да ја изгубат контролата врз личните податоци“, изјавил заменик-комесарот на ДПЦ, Греам Дојл.
Истрагата почнала по претставки од европски организации
ДПЦ ја започнал истрагата во 2020 година, по претставки од неколку европски организации за заштита на потрошувачките права, меѓу кои и паневропската организација БЕУК. „Веб и активност во апликации“ е поставка поврзана со корисничката сметка која обработува информации за активностите на корисникот на услугите на Гугл, додека „Историја на локација“ овозможува следење на локацијата преку мобилни уреди.
Регулаторот утврдил дека начинот на кој биле поставени и објаснети овие функции не ги исполнувал барањата на ГДПР.
Гугл: Станува збор за стари правила
Од Гугл соопштиле дека случајот се однесува на правила и практики од минатото. Компанијата наведува дека уште од 2019 година вовела нови алатки и значително ги унапредила практиките за управување со податоците за локацијата. Меѓу промените се автоматското бришење на личните податоци во одредени временски интервали, можноста податоците од временската линија да се чуваат директно на уредот и поголема контрола врз начинот на кој податоците, вклучително и оние за локацијата, се користат за рекламирање.
Гугл исто така наведува дека при пребарување на неговиот сервис се складира информација за пошироката, приближна област во која се наоѓа корисникот, а не прецизната локација на уредот.
Четврта најголема казна на ирскиот регулатор
Казната од 403 милиони евра е четврта најголема што ја изрекол ДПЦ откако ова тело стана главен регулатор на Европската Унија за голем број големи американски технолошки компании со европски седишта во Ирска. Вкупната вредност на казните што ДПЦ ги изрекол во рамките на примената на ГДПР надминува четири милијарди евра.
Покрај финансиската казна, Гугл добил рок од шест месеци да го усогласи начинот на обработка на податоците за локацијата со европските правила. ДПЦ истовремено води и три други одделни истраги поврзани со Гугл, кои, според регулаторот, се во напредна фаза.