Грција привлекува милијардe инвестиции во дата-центри: Амбицијата е секторот да достигне вредност од 10 милијарди евра

Грција забрзано се позиционира на европската дигитална мапа со проекти за дата-центри чија вредност се приближува до една милијарда евра. Со најавените инвестиции, капацитетот би можел значително да се зголеми, а земјата да се наметне како регионален дигитален центар меѓу Европа, Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка.

Развојот на дата-центрите се издвојува како еден од новите сектори што привлекуваат инвестициски интерес во Грција, со значителен потенцијал за економијата, дигиталната инфраструктура и технолошкиот развој на земјата. Географската положба и меѓународната поврзаност дополнително ги зајакнуваат можностите Грција да се развие во регионален дигитален центар, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на податоци од Грчката асоцијација на производители и оператори на дата-центри (ГРДЦА), пренесува дописничката на МИА од Атина.

Презентацијата на ГРДЦА ја покажува динамиката на пазарот, актуелните проекти и предизвиците со кои се соочува секторот. Според податоците, грчкиот пазар, кој до 2023 година располагал со капацитет од шест до седум мегавати, сега влегува во фаза на забрзан развој.

Во тек или во напредна фаза на изградба се проекти со вкупна моќност од 40 до 60 мегавати, со инвестиции што се приближуваат до една милијарда евра. Доколку се земат предвид и најавените планови, потенцијалниот капацитет достигнува 200 мегавати. Сепак, овие бројки се однесуваат на проекти во различни фази на развој и не значат дека целиот капацитет веќе е во функција.

Споредбата на проектите во изградба со капацитетот од шест до седум мегавати што го имал пазарот до 2023 година го покажува обемот на планираниот развој. Но, тоа не значи дека оперативниот капацитет веќе е зголемен седумкратно. Од Асоцијацијата нагласуваат дека мора јасно да се разграничат објектите што веќе функционираат, проектите во изградба, најавените инвестиции и барањата за приклучување кон електроенергетската мрежа.

Особено внимание привлекуваат податоците за економскиот придонес на дата-центрите. Според анализата на „Ај-Ди-Си Рисрч Сервисис“ (IDC Research Services), на која се повикува ГРДЦА, секое евро инвестирано во дата-центри создава вкупна економска вредност од 8,23 евра. Од оваа сума, 2,45 евра се однесуваат на директно влијание, 4,38 евра на индиректно, а 1,41 евро на дополнителна економска активност.

Во истата анализа се наведува и мултипликатор на вработеноста од 7,5. Тоа значи дека секое директно работно место во секторот е поврзано со отворање дополнителни 6,5 работни места, посочува АНА-МПА.

Потрошувачката на струја и водата се меѓу главните предизвици

Развојот на дата-центрите отвора и прашања за потрошувачката на електрична енергија. Според презентацијата на Асоцијацијата, овие објекти во моментов трошат околу 0,1 отсто од вкупната електрична енергија во Грција, наспроти светскиот просек од 1,5 отсто.

Според сценариото на ГРДЦА, доколку информатичката инфраструктура во иднина достигне оптоварување од 200 до 250 мегавати, побарувачката би можела да порасне до еден отсто од годишната потрошувачка на електрична енергија во земјата.

Потрошувачката на вода, бучавата и влијанието врз локалните заедници се исто така предмет на дискусија. Од ГРДЦА посочуваат дека не сите дата-центри користат големи количества вода, а во Грција најголемиот дел од објектите применуваат системи за воздушно ладење и затворени системи, со што значително се намалува потрошувачката на вода при работењето.

Кога станува збор за бучавата и другите влијанија врз животната средина, Асоцијацијата предлага примена на мерливи критериуми, транспарентност и навремено информирање на локалното население.

Во таа насока, грчката асоцијација, која од 2026 година е членка на Европската асоцијација на дата-центри, учествува во иницијативата „Пакт за климатски неутрални дата-центри“ (Climate Neutral Data Centre Pact). Иницијативата поставува цели за енергетска ефикасност, користење чиста енергија, циркуларна економија и постигнување климатска неутралност до 2030 година.

Речиси 11 гигавати барања за приклучување на мрежата

Главниот предизвик за развојот на секторот, според ГРДЦА, е достапноста на електрична моќност и можноста новите објекти да се приклучат на електроенергетската мрежа. Меѓу останатите пречки се високите енергетски трошоци, постапките за добивање дозволи, потребата од стабилна регулаторна рамка и недостигот од специјализиран кадар.

Според Асоцијацијата, во Грција моментално функционираат дата-центри со вкупен капацитет од околу 30 мегавати, додека барањата за приклучување кон електричната мрежа што чекаат одобрување достигнуваат речиси 11 гигавати.

Огромната разлика меѓу овие две бројки не значи дека постои соодветна реална инвестициска побарувачка. Поради тоа, од Асоцијацијата сметаат дека се потребни јасни критериуми за процена на подготвеноста на проектите и нивната реална можност за реализација.

Географската положба на Грција е една од нејзините најголеми предности, бидејќи овозможува поврзување на Европа со Балканот, Блискиот Исток и Северна Африка. Во комбинација со развојот на телекомуникациската инфраструктура и зголемувањето на капацитетите од обновливи извори на енергија, ова создава услови за привлекување нови инвестиции.

Сепак, конкуренцијата со другите земји во регионот е силна. Инвестициските одлуки зависат од достапноста на електрична енергија, трошоците, брзината на издавање дозволи и стабилноста на регулативата.


ГРДЦА, која обединува 70 компании-членки и шест независни советници, смета дека Грција во моментов има можност да ја зацврсти својата позиција на европската дигитална мапа. Главната цел, според Асоцијацијата, е премин од инвестициски најави кон реализација на проекти со мерливи резултати, еколошка одговорност и суштинско учество на локалните заедници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс