Google почна да воведува нов систем на ограничувања за користење на Gemini, со кој се менува досегашниот начин на пресметување. Наместо главно да се брои бројот на испратени прашања, новиот модел ќе гледа колку е сложено барањето, кој модел се користи и колку компјутерски ресурси троши задачата.
Тоа значи дека две лица можат да испратат ист број пораки, но да потрошат сосема различен дел од дозволениот лимит. Едноставно прашање ќе троши малку ресурси, додека обработка на големи документи, Deep Research, генерирање слики, видео или сложени програмерски задачи ќе го празнат лимитот многу побрзо.
Лимитите се обновуваат на секои пет часа
Една од најголемите промени е начинот на ресетирање. Наместо дневен лимит, Google воведува циклуси од пет часа, во кои дел од ресурсите повторно се обновуваат. Сепак, корисниците ќе имаат и неделен лимит, што значи дека оние што интензивно го користат Gemini може да останат без пристап до одредени функции до следниот пресметковен период.
Google тврди дека овој модел е поправеден, бидејќи не ја мери само бројката на пораки, туку реалното оптоварување на инфраструктурата.
Корисниците ќе гледаат колку им останува
За да се намали конфузијата, во Gemini се додава нов дел наречен „Usage Limits“. Таму корисниците ќе можат да следат колкав дел од квотата потрошиле, кога следува следното обновување, каква е состојбата на неделниот лимит и колку ресурси трошат во моментот.
Ова е првпат Google подетално да им покажува на корисниците колку се блиску до ограничувањето, наместо тие да дознаат дека го достигнале лимитот дури кога системот ќе ги блокира.
Најмногу реагираат напредните корисници
Промените најсилно ги погодија корисниците што Gemini го користат за работа, програмирање, истражување и генерирање мултимедијални содржини. Дел од нив се жалат дека платените пакети стануваат премногу рестриктивни и дека неделните квоти можат да се потрошат по само неколку посериозни работни сесии.
Google веќе почнал да коригира дел од лимитите, особено кај Antigravity, AI алатката за програмирање. Според објавените информации, квотите таму биле зголемувани по реакциите на корисниците.
Крај на чувството дека AI е „неограничен“
Новите правила јасно прават разлика меѓу бесплатните и платените корисници. Бесплатниот пакет добива основен капацитет, AI Plus нуди приближно двојно повеќе, AI Pro четири пати повеќе, а AI Ultra значително поголеми лимити за најзахтевните корисници.
Оваа промена покажува поширок тренд во AI индустријата: ерата на „неограничено“ користење полека се заменува со кредити, квоти и пресметка според реална потрошувачка. Google вели дека така ресурсите ќе се распределуваат поправедно, но дел од корисниците сметаат дека Gemini станува алатка што мора постојано да се користи со калкулатор во рака.