Во голема меѓународна полициска акција против лица кои купувале материјали со сексуална злоупотреба на деца, уапсени се 28 мажи во седум држави, соопшти норвешката Национална служба за криминалистички истраги (Kripos).
Според истрагата, осомничените користеле криптовалута Monero за да плаќаат пристап до форуми на „dark web“ на кои се разменувала нелегална содржина.
Акцијата била спроведена на почетокот на јуни, а уапсените, на возраст од 22 до 54 години, се од Норвешка, Шведска, Швајцарија, Канада, Чешка, Полска и Германија. Од Kripos најавуваат дека се очекуваат нови апсења, бидејќи истрагата опфаќа поголем број осомничени.
„Тесно соработувавме со шест земји во координацијата на апсењата на идентификуваните корисници кои со криптовалути плаќале пристап до овие форуми“, изјави полицискиот обвинител Терје Недребо Микелсен.
Норвешката полиција соопшти дека уште во 2025 година развила метод за следење на трансакции со криптовалути во вакви истраги, што било клучно за откривање на осомничените. Во посебно соопштение, Европол откри дека еден од уапсените интензивно користел вештачка интелигенција за создавање нелегална содржина со сексуална злоупотреба на деца, додека кај друг осомничен дел од жртвите биле членови на неговото потесно семејство.
Во рамки на акцијата, под заштита се ставени три деца. Истражителите заплениле повеќе од 460 предмети, меѓу кои електронски уреди, крипто-паричници, дрога и поголеми количини допинг-средства.