Голем пожар во руски индустриски комплекс по пријавен напад со дрон, погодени и услугите на „Јандекс“

Пожар избувнал во комплексот на фабриката „Саста“ во Сасово, каде што се наоѓа и големиот дата-центар „Јандекс ДЦ Сасово“. „Јандекс клауд“ потврди проблеми со напојувањето и предупреди на можни прекини, но компанијата не соопшти дека инцидентот е предизвикан од напад со дрон.

Голем пожар избувнал во текот на ноќта во индустрискиот комплекс во Сасово, во Рјазањската област на Русија, каде што се наоѓа и еден од најголемите дата-центри на технолошката компанија „Јандекс“. Информациите за пожарот се појавија истовремено со извештаи за напад со дрон во областа, но причината за пожарот и директната поврзаност со евентуален напад засега не се официјално потврдени. На снимки објавени на социјалните мрежи се гледаат пламен и густ чад над индустрискиот комплекс.

Истражувачките групи „Ексиленова+“ и „Астра“ ја идентификувале локацијата како комплексот на фабриката „Саста“ во Сасово, на чиј простор се наоѓа „Јандекс ДЦ Сасово“. „Јандекс“ самиот го опишува објектот како свој најголем дата-центар, кој поддржува дел од неговите услуги и облачната инфраструктура.

„Јандекс клауд“ потврди дека во текот на ноќта дошло до инцидент поврзан со снабдувањето со електрична енергија во зоната „ru-central1-b“. Според информациите на компанијата, прекините започнале околу 1:31 часот, а корисниците биле предупредени дека проблемите може да влијаат и на други делови од облачната инфраструктура. Компанијата им препорачала на клиентите, каде што е можно, привремено да префрлат дел од своите услуги на други локации додека трае отстранувањето на проблемот.

Сепак, „Јандекс“ не соопшти дека прекинот бил предизвикан од напад со дрон, ниту потврди дека самиот дата-центар бил директно погоден. Дополнително, мониторинг-сервисите не покажале целосен пад на главните кориснички услуги на „Јандекс“, што укажува дека последиците не биле целосен прекин на целата инфраструктура.

Дата-центарот се наоѓа во комплексот на фабриката „Саста“, која произведува високопрецизни металопреработувачки и ЦНЦ-машини. Опремата на фабриката се користи во повеќе индустриски сектори, меѓу кои и руската одбранбена и воздухопловна индустрија, а претпријатието е под британски санкции од 2024 година поради неговата поврзаност со рускиот одбранбен сектор.

Засега останува нејасно дали евентуалниот напад бил насочен кон фабриката „Саста“, кон дата-центарот на „Јандекс“ или кон друг објект во индустрискиот комплекс. Регионалните власти и украинската војска досега немаат официјално потврдено дека токму оваа локација била погодена со дрон, па информациите за нападот треба да се третираат како непотврдени додека не се појават дополнителни докази.

е-Трн да боцка во твојот инбокс