Голем пожар на грчкиот остров Евија, евакуирани две населби

Големи шумски пожари избувнаа на грчкиот остров Евија, популарна туристичка дестинација и летувалиште, поради што властите наредија итна евакуација на две населби. Грчките противпожарни служби ангажираа значителни сили за справување со огнената стихија. На терен се распоредени 88 пожарникари и доброволци, а во гаснењето учествуваат и осум авиони и шест хеликоптери.

Пожарот брзо се шири под влијание на силни северни ветрови, кои создаваат нови жаришта и дополнително ја отежнуваат контролата на ситуацијата, соопштија од противпожарната служба. Жителите на двете загрозени населби се повикани на итна евакуација како мерка на претпазливост, додека пожарникарските екипи се обидуваат да го стават пожарот под контрола од воздух и од земја.

Грција, како и други медитерански земји, се наоѓа во област која научниците ја опишуваат како „жариште на пожари“, каде што летните суши и високи температури редовно предизвикуваат шумски пожари. Во последните години, овие пожари стануваат сè поинтензивни и поразорни, што се поврзува со климатските промени и доведува до сè почести предупредувања за подобра превенција и управување со кризите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс