Од Вонземјани до Јон Вардар: Како Македонија го доби првиот долгометражен анимиран филм

Гоце Цветановски: Македонија има што да му каже на светот преку анимацијата

Со првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ освои публика на светските фестивали, а во интервју за Трн режисерот Гоце Цветановски зборува за предизвиците на домашната анимација, потребата од поголема поддршка за авторите и новите проекти што веќе се подготвуваат.

Во време кога македонската кинематографија ретко се впушта во научна фантастика, а уште поретко во долгометражна анимација, „Јон Вардар против галаксијата“ успеа да направи нешто што долго изгледаше како невозможна мисија. Филмот не само што стана првиот македонски долгометражен анимиран проект, туку успеа да стигне и до некои од најзначајните светски фестивали, освојувајќи публика од различни генерации и култури.

Зад оваа необична вселенска авантура стои режисерот Гоце Цветановски, автор кој со години работи на развојот на домашната анимациска сцена и кој верува дека Македонија има доволно талент, идеи и приказни за да биде препознаена и надвор од своите граници. Од првичната инспирација создадена од стотици цртежи на вонземјани, преку создавањето на ликот на Јон Вардар – обичен човек заглавен во необичен универзум – па сè до фестивалските проекции во Европа, Азија и Латинска Америка, патот на филмот е приказна за упорност, визија и љубов кон анимацијата.

Во разговор за Трн, Цветановски зборува за тоа како настанал „Јон Вардар против галаксијата“, зошто домашната драма и анимација сè уште се борат за простор, колку е тешко да се создава научна фантастика со локален идентитет и што недостасува за Македонија да изгради вистинска анимациска индустрија. Разговаравме и за успехот на филмот надвор од земјата, за реакциите на публиката, но и за новите проекти кои веќе се подготвуваат.

Трн: За почеток, како започна приказната со „Јон Вардар против галаксијата“? Дали идејата прво дојде како визуелна слика или како амбиција да се направи нешто што досега не постоело во македонската анимација?

Гоце: Отсекогаш ме влечел фантастичниот жанр, и сакав да раскажам приказна во која гледачите би тргнале на интергалактичка авантура со лик кој не е ниту херој, ниту антихерој, туку обичен човек во необични ситуации. Визуелно, идејата потекна од арт директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, кој речиси цела година црташе секој ден по еден вонземјанин во неговиот препознатлив стил. По 270 дена, се собраа голем број на ликови, кои директно ме инспирираа да напишам сценарио во кои тие би се појавиле. Му ја раскажав идејата на Мичо, а тој веднаш ми даде зелено светло. Мислам дека тогаш и двајцата не бевме баш свесни дека во тој момент го започнавме првиот македонски долгометражен анимиран филм. За време на продукцијата, креиравме оригинални дизајни според потребите на приказната, но некои од првичните концепти останаа и можеме да ги видиме во филмот.

Трн: Јон Вардар е хумористичен, но и малку трагикомичен лик. Дали тој е повеќе критика на општеството или огледало на поединецот?

Гоце: Секоја приказна, без разлика колку е фантастична, има свои корени во реалноста. Денес, за жал, многумина добрината не ја гледаат како доблест, туку како слабост, и ја поистоветуваат со глупост. Мислам дека тоа беше почетна точка за креирањето на ликот на Јон Вардар. Тој не е најбистриот и најумниот човек кој сте го запознале, но има добро и наивно срце, а со помош на неговите пријатели успева да направи подобра верзија од себеси. Зад првичниот слој на хумор, Јон Вардар крие и доста сатирични коментари за недостатоците како на општествено, така и на индивидуално ниво на сите нас.

Tрн: Колку е тешко да се прави научна фантастика со македонски хумор и културен контекст без да се изгуби универзалноста?

Гоце: Има неколку гегови во филмот кои се разбирливи и смешни само за нашата домашна публика, и се разбира, зборувањето на дијалекти е нешто кое само ние можеме да го перцепираме. Но генерално, се трудев сценариото да обработува универзални теми, и според досегашните резултати, филмот функционира одлично без разлика на тоа каде се прикажува и пред кој тип на публика.

Tрн: Македонската анимација долго време е „невидлива“ во пошироки рамки. Што се промени за да се стигне до долгометражен анимиран филм?

Гоце: Во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, македонската анимирана сцена, и покрај тоа што не беше многу голема, квантитативно гледано, имаше квалитетни автори чии филмови имаа сериозен меѓународен успех. Од деведесеттите па наваму, имавме долга пауза со недостаток на нови дела и автори, но за среќа, денес може со сигурност да се каже дека имаме разновидна сцена во која се опфатени сите анимациски техники и жанрови. Имаше неколку анимациски студија чија работа дојде и до Холивуд, но воглавно се работеа специјални ефекти, а не анимација на карактери, и не се креираа оригинални содржини туку работеа како даватели на технички услуги. Во мојот случај, главната причина за стигнување до долгометражен формат, беше дека после моите први два кратки анимирани филмови, дојдов во контакт со продуцентот Алан Кастиљо. Алан веруваше во проектот и сакаше да направиме дело кое ќе влезе во историјата на македонската кинематографија. Секако дека креирањето на анимациското студио „Линкс Анимејшн“ имаше позади себе и комерцијална позадина, но она што ќе остане е дека токму ние бевме одговорни за овој важен чекор во нашата национална филмска историја.

Tрн: Дали денес постои реална индустрија за анимација во Македонија или сè уште зборуваме за индивидуални ентузијасти и проекти и што недостасува повеќе – финансии, кадар или културна политика за анимација?

Гоце: Би рекол дека сепак нашата анимирана сцена ја водат поединци, режисери и ентузијасти кои повеќе работат на авторски кратки филмови наменети за фестивалската публика. Во однос на индустријата, има позитивен развој. Кај нас нема дете кое не знае за Биби и Боби – официјално најголем детски анимиран бренд на Балканот, чии над 50 епизоди се прикажуваат во девет држави и се херои на многу деца од регионот. Сани и Стела, Петко и Буквождер се исто така популарни на национално ниво. Жал ми е што во културните институции не го гледаат потенцијалот на оваа индустрија, но во секој случај како држава имаме уште многу работа во однос на културната политика воопшто. Треба да научиме да ги цениме и поддржуваме нашите автори, нашите културни содржини, и систематски да се бориме против шундот. Македонија секогаш била на крстопат меѓу Истокот и Западот, и во сите културни сфери имаме што да кажеме и покажеме. Јас сум сигурен дека со посериозна поддршка од страна на надлежните институции, анимацијата може да стане успешен културен производ кој би се извезувал и би носел значителни приходи во земјата.

Tрн: Филмот веќе има фестивалски живот надвор од земјата. Како реагира странската публика на Јон Вардар?

Гоце: Презадоволен сум од успехот на Јон Вардар. Од светската премиера на Ситџес, најголемиот светски фестивал посветен на научната фантастика и жанровскиот филм, имавме проекции на Московскиот Филмски Фестивал (А Категорија), четири фестивали од Б категорија, и вкупно 48 фестивали досега на сите светски континенти, на кои освоивме седум награди. Имавме написи за филмот на ББЦ Бразил, Animation Magazine, разни прилози на европски, австралиски, руски, кинески портали, а беше опишан како „свеж и храбар обид за научно фантастична комедија со Балкански шмек“. Јон Вардар сè уште патува, неодамна имавме проекции на Монтевидео Фантастико, фестивал за жанровски филм во Уругвај, а во јуни ќе имаме проекции во Шангај и Пекинг. Интересна работа која ја забележав е дека во различни земји, публиката се смееше на различни места. Насмевките на децата се најбесценетата и најважната работа на светот. Мило ми е што детската публика се покажа како најверен обожавател и пријател на Јон Вардар и неговите откачени сопатници.

Tрн: Колку е тешко да се балансира локален идентитет со глобален визуелен јазик во анимација?

Гоце: Локалниот идентитет секогаш можеме да го вградиме во она што го креираме. Тоа е повеќе прашање на желба отколку на можност. Но во однос на глобалниот визуелен јазик и следење на светските трендови, секако дека и буџетот има свое влијание. Секојдневно работам на сопственото подобрување како автор и визуелен раскажувач, и среќен сум што имам тим на соработници со светски квалитет кои внесуваат многу љубов и трпение во нашата работа. Она што ни недостасува во однос на финансии, го надокнадуваме со талент.

Tрн: Ако „Јон Вардар“ е првиот чекор, што би бил следниот, уште поголема продукција, серија или нешто сосема трето?

Гоце: Во моментов работам на нов анимиран проект, кој ќе биде и серија и филм. Продукциски е сличен на Јон Вардар, но сега целиот тим има многу поголемо искуство и знаење. Публиката ќе има можност да го види резултатот за помалку од година дена. Исто така завршив едно сценарио за игран филм кој ќе се снима во Мексико, а освен тековните проекти, развивам уште неколку серии и филмови. Ми недостига снимањето со живи актери и енергијата на сетот. Се надевам дека наскоро ќе ми се оствари желбата повторно да викнам „Акција!“ и „Сечи!“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс