Лондон и Берлин заедно против Москва: Заеднички фронт против саботажи и хибридни напади

Британскиот премиер Енди Бернам и германскиот канцелар Фридрих Мерц се состануваат во Берлин за зајакнување на соработката во борбата против сајбер-нападите и хибридните закани, особено оние од Русија.
Фото: EPA/ADAM VAUGHAN

Британскиот премиер Енди Бернам во Берлин се среќава со германскиот канцелар Фридрих Мерц каде што ќе разговараат за зајакнувањето на одбраната од сајбер-напади и саботажи, закани кои се сè почести во Европа. Средбата се одржува по нападот со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале во август, за кој германската влада директно ја обвинува Русија, пренесува „Евроњуз“.

Од Даунинг стрит е најавено дека Обединетото Кралство и Германија ќе се обврзат на зајакнување на соработката во сајбер-безбедноста и борбата против саботажите и другите хибридни закани.

„Хибридните закани од нашите противници, особено Русија, се шират низ Европа и надвор од неа и ја загрозуваат нашата заедничка безбедност“, стои во соопштението на британската влада. „Обединетото Кралство и Германија заедно ќе работат на откривање и сузбивање на хибридните активности, независно од нивниот извор“.

Партнерството ќе им овозможи на двете држави размена на информации и координација во следењето и запирањето на заканите. Целта е да се ограничи можноста за дејствување на непријателските актери во Европа. „Нападите врз нашата инфраструктура, компаниите и демократијата не се далечна закана. Се случуваат овде, влегуваат во домовите и на работните места, а целта им е да нè ослабат и поделат“, изјави Бернам.

„Британија и Германија се здружуваат за да ги пронајдат, разоткријат и запрат тие активности“, додаде тој. „Безбедноста и економскиот раст се тесно поврзани, а напредокот мора да се почувствува во секој град во нашите земји“.

Средбата се одржува недолго откако Бернам изјави дека враќањето на Обединетото Кралство во Европската Унија е една од опциите. Кон крајот на септември, на годишната конференција на Лабуристичката партија во Ливерпул, Бернам рече дека Брегзит донел повеќе штета отколку корист и дека на Британија ѝ треба јасна стратегија за идните односи со Унијата.

„Не можеме да обезбедиме јасен правец за Британија во овој век ако не дефинираме долгорочен однос со Европската Унија, која и понатаму е нашиот најголем пазар“, заклучи тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс