Германија славеше во 94. минута! Ундав со два гола го урна Брегот на Слоновата Коска

Германија ја победи репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска со 2:1 на Светското првенство. Дениз Ундав беше херој со два гола, вклучувајќи го и победничкиот погодок во судиското продолжение.
epa13052820 Players of Germany greet their supporters as they celebrate winning the FIFA World Cup 2026 group stage match Germany against Ivory Coast, in Toronto, Canada, 20 June 2026. EPA/EDUARDO LIMA

Фудбалската репрезентација на Германија славеше со 2:1 против Брегот на Слоновата Коска во натпревар од второто коло во Групата Е на Светското првенство. Африканската селекција прва дојде до водство преку Франк Кеси во 30. минута, додека Дениз Ундав израмни за Германија во 68. минута. Истиот играч беше херој на „панцерите“, постигнувајќи го победничкиот гол во четвртата минута од судиското продолжение.

Германците доминираа, но тешко стигнаа до победата

Германија подобро го отвори натпреварот и уште во деветтата минута создаде сериозна шанса преку Кај Хаверц, чиј удар со глава го одбрани голманот Ахија Фофана. Во 22. минута Александер Павловиќ ја затресе мрежата, но погодокот беше поништен поради прекршок врз голманот на Брегот на Слоновата Коска.

Казната стигна во 30. минута кога Франк Кеси најдобро се снајде по една одбиена топка и ја испрати во мрежата за водство од 1:0. До крајот на првото полувреме Германија уште еднаш погоди преку Хаверц, но и тој гол беше поништен поради претходен прекршок.

Ундав го реши мечот во финишот

Во второто полувреме Германците продолжија со притисокот и во 68. минута стигнаа до израмнување. Надим Амири центрираше од десната страна, а Дениз Ундав од непосредна близина ја смести топката во мрежата.

Кога изгледаше дека натпреварот ќе заврши без победник, Германија зададе последен удар. Во четвртата минута од продолжението Феликс Нмеча испрати одлична топка низ средината, а Ундав повторно беше прецизен за конечни 2:1.

Германија на чекор до осминафинале

Со оваа победа Германија се искачи на првото место во Групата Е со шест бодови, додека Брегот на Слоновата Коска останува втор со три. Во последното коло Германија ќе игра против Еквадор, додека Брегот на Слоновата Коска ќе се соочи со Курасао.

е-Трн да боцка во твојот инбокс