Германското Министерство за одбрана подготвува закон со кој би се вовела редовна обука на резервисти во Бундесверот до 65-годишна возраст, како дел од план за зајакнување на воените капацитети.

Германија ќе воведе редовна обука на резервисти до 65-годишна возраст

Германското Министерство за одбрана подготви нацрт-закон со кој би се вовела редовна и задолжителна обука за резервистите на Бундесверот, како дел од поширок план за зајакнување на вооружените сили, јавува „Шпигел“. Според предлогот, сите мажи и жени помлади од 45 години кои доброволно служеле во Бундесверот помалку од една година би биле обврзани да учествуваат во редовни воени вежби.

Оние кои служеле подолго од една година, како и активните резервисти, би биле повикувани на обука сè до 65-годишна возраст.

План за зголемување на воениот капацитет

Законот би требало да биде усвоен во текот на летото, а во неговото образложение се наведува дека редовните вежби се неопходни за да се обезбеди „сигурна достапност на резервите“, кои Берлин ги смета за клучни за националната безбедност. Министерот за одбрана Борис Писториус работи на амбициозен план за зголемување на бројноста на Бундесверот на околу 265.000 активни војници и 200.000 резервисти до средината на следната деценија.

Според сегашните податоци, резервниот состав на германската армија брои околу 60.000 лица, при што секој трет резервист е постар од 50 години. Поради ова, во германскиот воен врв сè почесто се истакнува потребата за подмладување и проширување на резервниот состав. Генералниот инспектор на Бундесверот, Карстен Бројер, во 2025 година изјави дека на Германија ѝ се потребни најмалку 460.000 активни и резервни војници за исполнување на обврските кон НАТО.

Тој додаде дека германските сили треба да достигнат целосна борбена готовност до 2029 година, поради проценките за безбедносни ризици и зголемените тензии со Русија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс