Германија и Франција, пред самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, испратија неформален документ (т.н. non-paper) со предлог за нов модел на проширување на Европската Унија кон земјите од Југоисточна Европа и Молдавија. Документот предвидува постепена интеграција на земјите кандидатки, со цел тие да добијат поблиски врски со институциите на ЕУ и пристап до одредени делови од единствениот европски пазар, во зависност од напредокот во реформите.
Според предлогот, процесот на проширување би останал заснован на заслуги, но би бил поедноставен и побрз, со помалку административни чекори и поголем фокус на суштинските реформи наместо на процедурите.
Во документот се нагласува дека целта на Германија и Франција е да се зајакне политиката на проширување и да се даде нов импулс на европската интеграција, без да се замени целта за полноправно членство во ЕУ.
Постепена интеграција и пристап до институции
Предлогот вклучува можност земјите од Западен Балкан и Молдавија да добијат статус на набљудувачи на одредени состаноци на институциите на ЕУ, како и почести заеднички средби со Европската комисија и Европскиот парламент. Исто така се предлага и редовно учество на претставници од овие земји на дел од состаноците на Европскиот совет и Советот на ЕУ, без право на глас, со цел поголема вклученост во процесот на одлучување.
Пристап до единствениот европски пазар
Еден од клучните елементи на предлогот е овозможување пристап до единствениот пазар на ЕУ по модел сличен на Европската економска област (ЕЕА+), што би им овозможило на земјите кандидатки значителна економска интеграција уште пред полноправното членство.
За тоа би било потребно целосно усвојување и примена на европското законодавство во одредени области и затворање на клучни преговарачки поглавја.
Порака од Берлин и Париз
Во документот се наведува дека политиката на проширување мора да добие нов замав и дека претстојните самити со Западен Балкан и Молдавија претставуваат клучна можност за напредок.
Германија и Франција нагласуваат дека постепената интеграција не е замена за членство, туку алатка за забрзување на реформите и приближување кон полноправно членство во Европската Унија.