Генералните штрајкови во Шпанија: Како 50 години работничка борба ја обликуваа демократијата по Франко

Од падот на диктатурата во 1975 година до денешниот штрајк за домување, синдикалните акции во Шпанија неколкупати ја менуваа политичката и економската реалност на земјата. Но, штрајкот на 11 ноември 2026 година отвора ново поглавје: првпат главниот повод не се работничките права, туку недостапноста на становите.

Крајот на диктатурата на Франциско Франко суштински ги промени работничките односи во Шпанија. За време на неговото владеење, синдикатите беа целосно под контрола на авторитарниот режим, а постоеше само една дозволена синдикална организација – Шпанската синдикална организација, позната како „Синдикато Вертикал“ (Sindicato Vertical).

По смртта на Франко во 1975 година и последователната транзиција кон демократија, синдикатите и организациите на работодавачите добија целосно уставно признание како главни актери во колективното преговарање.

Во периодот на демократската транзиција, од 1977 до 1982 година, работодавачите и синдикатите воспоставија социјален дијалог со цел да ја зацврстат младата демократија и да ги ублажат последиците од тешката економска криза што започна во 1977 година. Кризата беше предизвикана од прекумерното производство и наглото поскапување на нафтата, што доведе до зголемување на производствените трошоци, висока инфлација и невработеност.

Овој социјален дијалог, познат како „концертасион“ (concertación), овозможи зачувување на социјалниот мир и доведе до неколку значајни работнички договори во раните осумдесетти години.

Но, од 1987 година натаму, постигнатиот консензус почна да се распаѓа. Работодавачите и владата не ги исполнуваа преземените обврски, особено во однос на вработувањето, што предизвика широко незадоволство меѓу синдикатите. Дополнителен притисок донесе и влезот на Шпанија во Европската економска заедница (ЕЕЗ) во 1986 година, со што земјата се соочи со нови конкурентски предизвици.

Во такви околности беше организиран првиот генерален штрајк во Шпанија по падот на Франковата диктатура.

14 декември 1988 година: Штрајкот што ја потресе владата

Штрајкот го организираа двата најголеми синдикати во земјата – Работничките комисии (CCOO) и Генералниот сојуз на работниците (UGT), против владата на Социјалистичката партија на Шпанија (PSOE), предводена од Фелипе Гонзалес.

Непосредниот повод беше предложениот План за вработување млади, со кој се предвидуваше воведување привремени договори со пониски плати за младите работници. Синдикатите бараа повлекување на планот, зголемување на минималните пензии и намалување на привременото вработување.

Штрајкот се одржа на 14 декември 1988 година и имаше масовен одѕив. Јавниот превоз целосно запре, националната телевизија ТВЕ го прекина редовното емитување, а во штрајкот се вклучија работниците од производствениот и градежниот сектор, како и голем дел од услужните дејности.

Без сомнение, стануваше збор за мобилизација со најголемо политичко влијание во историјата на шпанската демократија.

По штрајкот, владата го повлече Планот за вработување млади. Беа подобрени и пензиите, а започна нова фаза на консултации со синдикатите.

Економската криза од 1992 година

Во раните деведесетти години се појавија првите знаци на економска рецесија. Иако членството на Шпанија во Европската економска заедница го поттикна економскиот раст, подоцнежните случувања – меѓу кои и Првата заливска војна, кризата на Европскиот монетарен систем и падот на индустриското производство – доведоа до влошување на економските показатели, по години на просперитет.

Последиците врз пазарот на трудот беа непосредни. Во периодот од 1992 до 1993 година, невработеноста повторно надмина 20 проценти. Во меѓувреме, земјите членки на Европската економска заедница преговараа за Договорот од Мастрихт, со кој ЕЕЗ подоцна ќе прерасне во Европска Унија.

По потпишувањето на договорот во февруари 1992 година, шпанската влада, организациите на работодавачите и синдикатите повторно се обидоа да го обноват социјалниот дијалог.

Но, преговорите пропаднаа. Реформата на Статутот на работниците од 1994 година го легализираше работењето преку агенции за привремено вработување, кои требаше да обезбедат пофлексибилна работна сила за привремените потреби на компаниите.

Реформата беше усвоена без соодветен дијалог, со поддршка единствено од Социјалистичката партија и парламентарната десница. Повторно, социјалното незадоволство доведе до генерален штрајк, во јануари 1994 година.

Штрајкот го организираа CCOO и UGT како протест против мерките што им го олеснуваа на компаниите вработувањето и отпуштањето работници, како и против масовната употреба на договори на определено време. Иако одѕивот беше помал отколку во 1988 година, штрајкот имаше широка поддршка во индустрискиот сектор и јавниот превоз. Сепак, владата ги задржа клучните елементи на реформата, а штрајкот дополнително го продлабочи јазот меѓу Социјалистичката партија и најголемите синдикати.

Работничката реформа од 1997 година, спроведена од десничарската влада на Хозе Марија Аснар и поддржана од најголемата организација на работодавачи, како и од CCOO и UGT, претставуваше пресвртница на пазарот на трудот.

Со договорот се настојуваше да се намали привременото вработување преку воведување нов модел на договори на неопределено време за нововработените. За овие договори беше предвиден понизок надомест при отпуштање – 33 дневници за секоја година работен стаж, до максимум 24 месечни плати.

Генералните штрајкови во 21 век

Во мај 2002 година, владата на Аснар усвои нови реформи на пазарот на трудот, повторно без претходен договор со синдикатите. Мерките главно се однесуваа на измените во системот на надоместоци за невработеност. CCOO и UGT свикаа генерален штрајк на 20 јуни 2002 година, образложувајќи дека реформите го олеснуваат и го прават поевтино отпуштањето работници, а истовремено ги намалуваат нивните права и надоместоци.

Штрајкот имаше значително политичко влијание. По неговото завршување, владата започна преговори и на крајот измени дел од најспорните одредби на реформата. Во 2006 година, синдикатите, организациите на работодавачите и владата, тогаш предводена од Социјалистичката партија на Хозе Луис Родригез Запатеро, постигнаа договор за нова реформа на пазарот на трудот. Целта беше да се намали привременото вработување и да се зголеми бројот на договори на неопределено време.

Но, од 2010 година натаму, финансиската криза ја принуди владата да воведе серија мерки за штедење. Тие опфатија намалување на платите на јавните службеници, замрзнување на пензиите и кратење на јавните инвестиции. Во таква политичка атмосфера, во јуни 2010 година беше усвоена и нова реформа на пазарот на трудот.

CCOO и UGT организираа генерален штрајк на 29 септември 2010 година, против либерализацијата на пазарот на трудот предвидена со новата реформа. Штрајкот беше и протест против политиките на штедење наметнати од Европската комисија и меѓународните пазари, а потоа спроведени од владата на Запатеро.

Одѕивот беше нееднаков, а владата не се откажа од ниту една од предложените мерки. Неколку месеци подоцна, премиерот Запатеро распиша предвремени парламентарни избори за декември 2011 година, на кои победи десничарската Народна партија (PP), предводена од Маријано Рахој.

Реформите и европската финансиска помош

Работничката реформа на владата на Рахој од 2012 година донесе големи промени во шпанското трудово законодавство, во исклучително сложен политички и економски момент. Истата година, шпанската економија се најде под надзор на Еврогрупата. Тоа беше еден од условите за финансиската помош наменета за спасување на шпанскиот банкарски сектор, која се состоеше од заем во вредност до 100 милијарди евра.

Но, реформата не беше само последица на финансиската криза. Таа беше и одговор на барањата на организациите на работодавачите, кои проблемите на шпанскиот пазар на трудот ги припишуваа на, како што тврдеа, „прекумерната“ регулација на вработувањето и „екстремната“ ригидност на процедурите за отпуштање. Како одговор, CCOO и UGT организираа два генерални штрајка во 2012 година – првиот на 29 март, а вториот на 14 ноември.

Целта беше да се изврши притисок врз владата да ги повлече најстрогите мерки од реформата, особено оние што им го олеснуваа на компаниите отпуштањето работници и намалувањето на нивните плати.

Иако одѕивот на штрајковите беше многу висок, реформата не беше поништена. Овие протести го означија врвот на социјалното незадоволство за време на кризата од 2008 до 2015 година.

Ноември 2026: Штрајк за домување

За време на владите на Запатеро и Рахој, длабоката финансиска криза и политиките на штедење доведоа до распад на колективното преговарање. Но, владата на Педро Санчез, која е на власт од 2018 година, успеа повторно да воспостави дијалог со синдикатите за низа важни прашања. Меѓу нив беа квалитетот на работните места – повисоки плати, помалку привремени договори и подобра обука – мерките за привремено регулирање на вработувањето за време на пандемијата на КОВИД-19, зголемувањето на минималната плата, подобрувањето на пензиите и работничката реформа од 2022 година.

Оваа политичка динамика го објаснува отсуството на генерални штрајкови за време на владата на Санчез и претставува значителен пресврт во споредба со претходните влади.

Сепак, по пандемијата, пристапот до домување стана еден од најголемите проблеми со кои се соочува шпанското општество. Наглото зголемување на побарувачката, поттикнато од брзиот раст на населението, во комбинација со недоволната понуда и силните шпекулативни притисоци на пазарот, доведе до драматичен раст на цените.

Достапното домување денес е речиси непостоечко во Шпанија. Генералниот штрајк на 11 ноември 2026 година треба да се разбере токму во овој контекст. Штрајкот го свика Националниот сојуз на станари, а го поддржаа и CCOO и UGT. Неговата главна цел е да го привлече вниманието на политичките лидери и јавноста кон социјалната криза што им го оневозможува на младите луѓе да живеат достоинствено.

Дури и пред неговото одржување, овој штрајк веќе претставува значаен историски настан. Тој го означува првиот голем генерален штрајк во Шпанија што не е организиран против реформа на пазарот на трудот или мерки за намалување на платите. Наместо тоа, во неговиот центар се вртоглавиот раст на цените на становите и сè потешките услови во кои младите Шпанци се обидуваат да се осамостојат.


По пет децении во кои генералните штрајкови беа пред сè средство за одбрана на работничките права, Шпанија сега се соочува со нова форма на колективна борба – за правото на дом.

е-Трн да боцка во твојот инбокс