Генерален штрајк во Португалија го парализира сообраќајот и затвори училишта

Втор генерален штрајк за шест месеци ја погоди Португалија. Возови не сообраќаат, дел од летовите се откажани, училиштата се затворени, а синдикатите протестираат против реформата на трудот.

Вториот генерален штрајк во последните шест месеци го наруши сообраќајот низ Португалија, запре дел од железничкиот превоз, доведе до откажување стотици летови и затворање училишта, додека синдикатите протестираат против владините планови за реформа на Законот за работни односи.

Малцинската влада на десниот центар најверојатно ќе го усвои законот со поддршка од крајнодесничарската партија „Чега“. Со реформата се предлагаат измени на повеќе од сто членови од трудовото законодавство, со цел зголемување на продуктивноста и поттикнување економски раст, откако преговорите со синдикатите пропаднаа.

Претседателот на најголемиот португалски синдикален сојуз CGTP, Тијаго Оливеира, кој го повика генералниот штрајк, изјави дека реформата ќе ги влоши условите за работа. Според него, предложените измени ќе го зацврстат несигурното вработување, ќе влијаат врз дерегулација на работното време, ќе го олеснат отпуштањето работници и ќе ги ограничат правото на штрајк и родителската заштита.

Критичарите предупредуваат дека реформата особено ќе ги погоди младите работници, кои би можеле да останат „заробени“ во несигурни договори и да работат до 50 часа неделно без дополнителна плата, наместо сегашните стандардни 40 часа.

„Пакетот работни мерки е голема закана не само за иднината на младите работници, туку и за сегашната состојба“, изјави Родриго Азеведо, 30-годишен банкарски службеник.

Државната железница CP го запре сообраќајот на возовите на подолги релации и на поголемиот дел од регионалните линии, додека метрото во Лисабон беше затворено. Во земјата беа затворени и училишта поради недостиг на персонал, а болниците одложија најголем дел од операциите и термините по штрајкот на медицинските сестри.

Португалскиот национален авиопревозник TAP соопшти дека ќе реализира само 79 од вообичаените повеќе од 300 дневни летови, додека авиокомпанијата Iberia очекува намалување од 50 до 75 проценти од редовниот број летови.

Реформата предвидува олеснето отпуштање од оправдани причини, можност компаниите да одбијат враќање работник на работа во случај на незаконски отказ ако исплатат отштета, како и можност за укинување на ограничувањата за outsourcing.

Претходниот генерален штрајк, одржан во декември, беше прва општа обустава на работа во Португалија од протестите во 2013 година против мерките за штедење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс