Целосното искоренување на сипаниците повеќе не е меѓу реалните цели на Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, поради растечкиот отпор кон вакцинацијата во богатите земји, изјави Бил Гејтс во интервју за Ројтерс.
Според коосновачот на „Мајкрософт“ и филантроп, неговата фондација во минатото сметала дека глобалното искоренување на оваа исклучително заразна болест е достижна цел. Сепак, падот на стапките на вакцинација во развиените држави го направил таквиот план многу потежок. „Во еден момент фондацијата сакаше да ги искорени сипаниците, но поради отпорот кон вакцинацијата во богатите земји тоа повеќе не е меѓу нашите цели“, рекол Гејтс, оценувајќи дека ситуацијата е трагична.
Болест што повторно се враќа
Сипаниците се една од најзаразните познати инфекции. Најчесто предизвикуваат висока температура, кашлица и карактеристичен осип, а во потешки случаи можат да доведат до сериозни компликации и смрт. Пред воведувањето на вакцината во 1960-тите, болеста секоја година одземала животи на милиони деца ширум светот. Денес смртноста е значително намалена, но Светската здравствена организација проценува дека десетици илјади деца и понатаму умираат од последиците на сипаниците, главно во сиромашните земји.
За да се спречат епидемии, според СЗО, потребно е околу 95 отсто од населението да биде вакцинирано. Кога опфатот ќе падне под тоа ниво, вирусот повторно добива простор да се шири. Токму тоа во последните години се забележува и во делови од Европа и во САД, каде што сипаниците некогаш биле ставени под речиси целосна контрола.
Сиромашните земји засега не го следат трендот
Гејтс посочува дека падот на довербата во вакцините во богатите држави засега не се претворил во глобален тренд. Во земјите со кои работи неговата фондација, според него, не е забележан сличен пораст на отпорот кон вакцинацијата. Причината е и во тоа што последиците од сипаниците таму можат да бидат многу потешки.
Неухранетоста, слабите здравствени системи и тешкотиите со пристапот до медицинска помош го зголемуваат ризикот од смртен исход кај децата. Гејтс изразил загриженост дека скептицизмот кон вакцините од САД би можел да се прошири и во други делови од светот, но вели дека досега во сиромашните земји каде што работи фондацијата не гледа таков тренд.
Намалувањето на помошта носи дополнителен ризик
Изјавите на Гејтс доаѓаат во период кога неговата фондација повторно предупредува за последиците од намалувањето на меѓународната помош за сиромашните земји. Гејтс интервјуто го дал пред годишниот настан „Голкиперс“, посветен на следењето на напредокот кон целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година.
Во претходниот извештај фондацијата предупреди дека намалувањето на странската помош од страна на администрацијата на Доналд Трамп, а потоа и од други богати држави, меѓу кои Велика Британија и Германија, може сериозно да влијае врз здравјето на најсиромашното население. Гејтс сега оценува дека кратењата веројатно веќе довеле до голем број смртни случаи. Сепак, делумното враќање на средствата, дополнителните напори на погодените држави и активностите на други здравствени организации помогнале последиците да не бидат толку драматични како што првично се стравувало.
Тој вели дека најцрните прогнози за повеќе од десет милиони смртни случаи не се оствариле, но предупредува дека ситуацијата и понатаму е сериозна и апелира владите да ја вратат меѓународната помош или барем да не ја намалуваат дополнително.